Премиерот, Христијан Мицкоски вечерва во гостување на Канал 5 најави дека ќе има протести или како што рече „ќе им се случи народ“ ако членовите на Судскиот совет за кои беше изгласана недоверба во Собранието не си дадат оставки. На тие протести тој ќе биде во првите редови.
„Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од два или три отсто, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи“, истакна премиерот Мицкоски.
За тоа кој ќе ги замени, Мицкоски нагласи дека ќе се разговара, но едно е сигурно дека нема да биде исто.
„Правда не може да има како сега со судии или обвинители или пак членови на Судски совет и Совет на јавни обвинители кои се од партиски штабови. Тука има луѓе за кои има докази кои се или како се. На крајот на денот ние сите овие процеси кои ги водиме, не ги водиме за да биде исто, нема причина за да биде исто, само со нови луѓе. Имаме извештај од Оценската мисија кој јасно дава насоки како да се движат реформите и истите ќе ги имплементираме. Ќе се држиме до извештајот, само нешто да се смени, затоа што не оди вака, ако сакаме да имаме држава. Сакам да имаме држава и моите деца да растат во оваа држава и да основаат семејства во оваа држава, јас ќе се борам за таква држава“, рече Мицкоски.
Премиерот ја коментираше и иницијативата од Соединетите Американски Држави за 30-дневен прекин на непријателските дејства помеѓу Украина и Русија.
Според него тоа е важен чекор кон постигнување траен мир. При што додаде дека македонската армија ќе продолжи да биде присутна во регионот, но нема да испраќа војници во Украина.
-Мислам дека е потребно да има прекин на огнот и да траат преговорите онолку колку што е потребно за да се катализира решение кое ќе донесе траен мир, рече премиерот.
Мицкоски истакна дека цената по која што ќе се постигне овој мир ќе биде резултат од преговорите кои ќе се случат на маса и дека сето ова кое што ќе резултира со овие преговори ќе донесе една помирна иднина за сите нас.
Во однос на можноста за прекројувањето на границите, премиерот рече дека не гледа дека би можело да се прелее на Балканот и дека е против менувањето на граници како човек и како политичар.
-Треба да сме свесни дека во меѓународното право не смеат да се случат преседани, ако еднаш се случат, можат да станат пракса, рече тој.
Во врска со испраќањето на војници во Украина, Мицкоски рече дека е логично македонската армија да биде присутна во регионот и дека тоа што сме можеле да го направиме како сојузници на НАТО, сме го направиле.
– Во однос на испраќањето на војници, оваа влада не верувам дека ќе донесе одлука која што ќе има офанзивна мисија. Мировници во рамките на регионот ќе праќаме, праќаме и сме веќе присутни, Украина не ја сметаме во регионот, изјави Мицкоски.
Во однос на прашањето за нашето коспонзорство на резолуцијата предложена од САД во Советот за безбедност на ОН, која бара брз крај на конфликтот во Украина, премиерот рече дека одлуката се заснова на тоа што цениме дека администрацијата на Трамп има јасен план.
-Цениме дека администрацијата на Трамп има јасен план како да стави крај на конфликтот во Украина и сакаме да го следиме тој пример кој што го манифестира на отворена сцена Трамп, посочи премиерот.