Тажна слика околу арената „Тодор Проески“ по синоќешниот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Велс. Фановите позади себе оставиле купишта ѓубре кое може да се види од денешните слики пред влезот на стадионот.
Стотици лименки со пиво, шишиња со вода, ќеси… е само дел од сликата на кејот на реката на Вардар во непосредна близина на арената. Вредно за забележување и малиот број на канти за отпадоци до влезовите на Северната трибина од стадионот.
За потсетување, фудбалската репрезентација на Македонија и Велс синоќа одиграа нерешено 1:1 (0:0) во 2. коло од квалификациите за СП 2026.
Бојан Миовски го отвори резултатот во 91-та минута од натпреварот, додека Дејвид Брукс израмни во последните секунди од судиското продолжение кое траеше шест минути. Навивачите во 59-тата минута со громогласен аплауз им оддадоа почит на 59-те жртви во трагичната несреќа во Кочани што се случи на 16-ти март.
По првите две кола од новиот квалификациски циклус за СП 2026, Македонија има 4 бода. Следниот натпревар на нашата репрезентација е на 6-ти јуни против Белгија во Скопје.