Ѓорѓиоска (25) од Гостивар работи во една од најмоќните биотехнолошки компании на денешницата

од Vladimir Zorba
67 прегледи

Ана Ѓорѓиоска има само 25 години и е научник-истражувач во водечка биотехнолошка компанија од областа на имуноонкологијата во Германија.

Родена е во Гостивар, каде што ги минала тинејџерските години, а потоа се запишала на еден од најпрестижните факултети во Европа – Универзитетот „Јакобс“ (Jacobs University, денес е Constructor University), на насоката биохемија и клеточна биологија.

Потоа се запишала на магистерски студии на „Еберхард Карлс“, еден од највисокорангираните универзитети во Германија, на насоката молекуларна биологија и имунологија.

– Таму бев меѓу првите што ги завршија студиите, и тоа со просек од 1,1. Во Германија највисока оценка е 1,0. Збирот од моите образовни избори и искуства ме доведе денес да живеам и да работам во една светска метропола како што е Минхен – вели Ана.

Ѓорѓиоска веќе има импресивно работно искуство, а сега работи во „Каталим“ – една од најмоќните биотехнолошки компании на денешницава.

– Од март 2023 година работам како научник во одделот за Применето истражување и клиничка биоаналитика во германската биотехнолошка компанија „Каталим“ (CatalYm GmbH) со седиште во Минхен. Тоа е приватна компанија која развива нови, безбедни и ефикасни имунотерапии против рак.Централна улога во нашите истражувања има GDF-15, цитокин, кој во нормални услови се произведува во мали количини во телото. Во многу цврсти тумори, овој цитокин е изразен во високи количини и клетките на туморот го користат овој механизам за да се „сокријат“ и да избегнат напади од нашиот имунолошки систем. Терапијата која ја развиваме е моноклонално антитело, Visugromab, и е во фаза 2а на клинички испитувања во Европа. Неговата задача е да го неутрализира GDF-15 и со тоа да воспостави нормално функционирање и активација на клетките на имунолошкиот систем, кои пак за возврат ќе почнат да ги напаѓаат клетките на туморот. Нашата терапија се дава во комбинација со веќе одобрена имунолошка терапија што дополнително ја подобрува ефикасноста – објаснува Ана.

Целото интервју на следниот линк!

Слични содржини