Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека американските групи не се повлекуваат од Полска, туку се селат од аеродромот Јасионка на други локации во земјата. Дуда за новинарите во Талин, за време на посетата на Естонија, изјави дека САД ги преместуваат своите војници и воена опрема од логистичкиот центар во Јасионка, Полска, кој се користеше за доставување воена помош за Украина, на различни локации во земјата, пренесе полската агенција ПАП.
Тој одби да даде повеќе детали за операцијата. Полското Министерство за национална одбрана објави дека американските војници ги спроведуваат претходно утврдените планови за преместување на нивниот персонал. Министерството наведува дека операцијата е дел од новата сојузничка иницијатива, НАТО безбедносна помош и обука за Украина (НСАТУ), која во моментов ја координира испораката на воена помош за Украина и обуката на украинските војници, пренесува Танјуг.
Полскиот министер за одбрана Владислав Косињска-Камиш напиша на платформата X дека, во согласност со одлуката на НАТО, другите сојузници, вклучувајќи ги Норвешка, Германија, Велика Британија и Полска, ќе ја преземат американската одговорност на аеродромот Јасионка.
Американските трупи беа распоредени во Јасионка на почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, и оттогаш, аеродромот служи како клучен логистички центар за транспорт на западна воена помош во Украина и е заштитен од американскиот ракетен систем за воздушна одбрана Патриот.