Предупредувања од полицијата: Криминалци од Србија и Албанија се обидуваат да се инфилтрираат во легалните структури во Швајцарија

од Nikola Popovski
156 прегледи

Во Швајцарија дејствуваат голем број организирани криминални групи кои се обидуваат да се инфилтрираат во политиката и во државната администрација, а меѓу нив се и банди од Албанија и Србија, изјави денеска шефот на швајцарската федерална полиција, Јанис Каландре.

Меѓу криминалните организации кои дејствуваат во Швајцарија, според Каландре, се калабриската верзија на мафијата Ндрангета и групи од Албанија, Србија, Нигерија или Турција, како и некои моторџиски групи како што се „Ангелите на пеколот“.

Групите негуваат врски со политички кругови, администрација и финансиски институции за да бидат заштитени и да уживаат привилегии, вели началникот на полицијата во интервјуто за денешните печатени изданија на медиумската куќа Тамедиа.

Тие криминални групи се организирани на меѓународно ниво и целта им е да заработат, да се етаблираат во економијата и да влијаат на политиката, изјави шефот на федералната полиција.

Тој оцени дека опасноста од инфилтрација во Швајцарија е особено изразена кај италијанската мафија.

Во интервјуто, Каландр посебно предупреди на опасноста од ескалација на насилството поврзано со трговијата со дрога.

„Во Европа веќе сме среде ескалација на насилството. Не гледаме причина зошто Швајцарија да биде поштедена од таквата нарко-војна“, вели Каландре.

Според него, дури и во релативно мирните земји како Белгија, Холандија и Шведска, сега се справуваат со бандите користејќи експлозивни направи и бомби.

Каландре го припиша ова зголемување на насилството делумно на бранот шверц на кокаин што ја зафати Европа.

И во самата Швајцарија, потрошувачката на кокаин е двојно зголемена во последната деценија, истакна Каландре.

Слични содржини