Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека планот на лидерите на земјите-членки на ЕУ за прием на Украина во тој блок најдоцна до 2030 година „мора да се запре“, пренесува „Јуроњуз“.
Орбан посочи дека лидерите на ЕУ сакаат да вклучат во блокот земја која, според него, не е суверена, за која не се знае каде е нејзината источна граница, ниту е веродостојно позната големината на нејзината територија.
„Да се турне Украина во ЕУ? Тоа е план на Брисел, не е наш. Ние дури и не знаеме колку жители има. Таа земја не е самоодржлива. Ако Унгарците сакаат да го спречат тоа да се случи, а јас им препорачувам да го направат тоа, сега е време да се направи нешто. Подоцна ќе биде доцна. Си дозволуваме себеси и секој граѓанин на Унгарија да одлучува за ова прашање“, изјавил Орбан за унгарскиот портал „ОТ“.
Тој посочил дека Украина ја одржува во живот својата војска и функционирањето на целата државна администрација само со странска помош.
„Во меѓувреме, Украина бара од ЕУ да се обврзе да финансира милионска украинска армија во наредните децении, користејќи ги парите на европските даночни обврзници“, рече тој, додавајќи дека движечката сила зад пристапот на Украина во ЕУ не е мирот, туку продолжувањето на војната.