Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет имаше соба во Пентагон претворена во студио за шминкање. Си-Би-Ес Њуз, според извори блиски до Министерството за одбрана, пишува дека просторијата која се наоѓа веднаш до официјалната прес-сала во Пентагон е реконструирана со цел да се подготват министри и функционери за телевизиски настапи.
Цената на модификациите беше неколку илјади долари. Првичните планови вклучуваа проект вреден повеќе од 40.000 долари, но на крајот тие беа значително намалени. Според функционер во Министерството за одбрана, измените се дел од „рутинските надградби што се случуваат при смената на управата“, но околностите сепак предизвикаа критики, особено што доаѓаат во време кога актуелната администрација јавно се залага за штедење и рационализација на трошоците.
Тој тоа го негира.
По објавувањето на извештајот, Хегсет преку платформата Х (поранешен Твитер) изјавил дека станува збор за „целосно лажна приказна“ негирајќи дека нарачал нешто, а камоли шминка. Сепак, повеќе извори потврдуваат дека просторот навистина е уреден и дека тој го користи за свои ТВ настапи. Хегсет, наводно, самиот ја нанесува шминката, без да ангажира професионален шминкер, со што наводно се избегнуваат дополнителни трошоци.
Преуредувањето на просторијата вклучуваше отстранување на старото биро, поставување на нов стол и големо огледало со професионално светло за шминкање. Според изјавите, целиот нов мебел и опрема потекнува од постојниот инвентар, а дополнителни работи извршила и домашна градежна екипа.
А кој е Хегсет?
Од особен интерес е фактот дека Хегсет, пред да стане министер, беше ко-домаќин на утринската програма за викендот на „Fox & Friends“. Неговата сопруга Џенифер Хегсет, како и советничката Тами Радабау, која наводно ги предложила промените, се поранешни продуценти на Фокс њуз, што дополнително го зајакнува впечатокот за политизација на одбранбениот сектор и неговиот пристап кон десничарските медиуми.
Според изворите, Радабау, моментално заменик помошник секретар за стратешки комуникации, заедно со портпаролот на Пентагон, Шон Парнел и Џенифер Хегсет, го поддржале аранжманот. Скандалот со собата за шминка доаѓа во чувствителен момент, по наводите дека Хегсет споделувал доверливи воени информации во приватни групи на апликацијата Сигнал.
Прво беше откриено дека тој испраќал СМС пораки со доверливи воени планови на групен разговор во кој бил вклучен Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“.
„Њујорк тајмс“ потоа откри дека Хегсет споделил детали за американскиот напад врз Хутите во Јемен и во друга приватна група „Сигнал“ што ја создал, во која биле неговата сопруга, брат и уште десетина блиски луѓе.
Според извори запознаени со пораките, Хегсет споделил информации во таа приватна група, како што е распоредот на летот на Ф/А-18 Хорнетс кои учествувале во нападот, истите информации што ги споделил со група високи функционери предводени од советникот за национална безбедност Мајк Волц.
Првата група на Сигнал стана јавна кога на неа по грешка беше додаден новинарот на Атлантик Џефри Голдберг.
Промени во пристапот до медиумите
На 21 февруари, Пентагон го затвори пристапот до прес-салата за новинарите, освен кога беа објавени официјални говори. Ова е значајна промена бидејќи беше една од ретките простории во зградата каде што новинарите можат да пристапат до „Wi-Fi“ и да снимаат изјави.