Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека досега се уапсени 18 лица под сомнение дека подметнале пожари во предградијата на Ерусалим, каде што огнената стихија сè уште беснее во некои подрачја. Говорејќи на прес-конференција во Ерусалим, Нетанјаху нагласи дека едно од лицата било фатено на самото место за време на извршување на делото.
„Ова не е едноставна ситуација. Има голема штета – како на природата, така и на луѓето. Приведени се 18 лица, од кои едно е фатено на дело“, изјави премиерот, додавајќи дека е уверен оти Израел ќе успее да се справи со предизвикот.
„Правиме сè што можеме за да го локализираме пожарот и да го обновиме она што беше уништено“, порача тој.
Сепак, според полициски извори за израелските медиуми, засега се уапсени само три лица, што отвора прашања за точноста на податоците изнесени од владата. Противпожарната и спасувачка служба соопшти дека причината за избувнувањето на пожарите сè уште не е утврдена. Според израелската невладина организација за заштита на природата „Керен Кајемет Љизраел“ (ККЛ), пожарите уништиле околу 5.000 хектари, од кои 3.000 хектари се шуми.
Најтешко погоден е најголемиот канадски парк во близина на градот Беит Шемеш. Противпожарните екипи и понатаму се борат со пламените јазици во шест критични подрачја во близина на Ерусалим, соопшти Противпожарната и спасувачка служба.