Нови правила во подготовка: ЕК предлага почести технички прегледи на возила постари од 10 години

од Vladimir Zorba
43 прегледи

Европската комисија сака да воведе општа годишна инспекција за постари автомобили. Целта е да се зголеми безбедноста на патиштата, но конечна одлука сè уште не е донесена. Пред предлогот да стапи на сила, за него ќе треба да се согласат и Европскиот парламент и земјите-членки на Европската унија.

ADAC, германскиот автомобилски клуб, веќе издаде соопштение во кое се наведува дека не е потребно да се скратуваат интервалите за задолжителни прегледи на моторните возила и дека моментално пропишаните интервали и прописи се доволни. Новите правила би ги опфатиле сите автомобили постари од десет години.

Да појасниме – Европската комисија планира нови правила за безбедност на патиштата. Еден од предлозите се однесува на сопствениците на постари автомобили кои првпат биле регистрирани пред повеќе од десет години. Во Германија, ова се повеќе од 23,4 милиони автомобили, што претставува 47,1 процент од вкупниот број автомобили. Комисијата предлага задолжителни годишни технички прегледи за автомобили и комбиња постари од десет години.

Звучи познато? Повеќето земји-членки на Европската Унија, веќе ја имаат оваа практика. Сепак, во 11 европски земји, возилата постари од една деценија се подложени на технички прегледи на секои две години, а новиот предлог на Европската комисија е насочен токму кон нив. Затоа, не е сосема јасно зошто ADAC не се согласува со мерка што би барала возилата постари од десет години да се проверуваат еднаш годишно во преостанатите 11 земји. Особено затоа што техничките дефекти на возилата се меѓу главните предизвикувачи на сообраќајни несреќи.

Исто така, Европската комисија истакна дека е потребно да се заштитат купувачите на половни возила, бидејќи има сè повеќе измами со фалсификување на билансот на километражата. Во однос на второто, според предлогот на ЕК, сите земји-членки треба да воспостават национални бази на податоци за отчитувањата на километражата. Некои земји веќе имаат такви бази на податоци (на пр. Белгија и Холандија), и ако овој предлог помине, сите ќе ги имаат.

Земјите-членки, исто така, ќе разменуваат информации за историјата на половни автомобили, со цел да ги заштитат потрошувачите на пазарот на половни возила. Во ерата на широко распространета дигитализација, логично е да се очекува дека електронските сертификати за технички преглед на возилата на крајот ќе ги заменат класичните, хартиени.

Откако овие предлози на Европската комисија ќе бидат разгледани од Советот на ЕУ и Европскиот парламент, ЕК треба да подготви конкретен законодавен предлог, кој се очекува подоцна оваа година.

Слични содржини