На 8 мај 2025 година, во Москва се одржаа разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг. Путин му се заблагодари на кинескиот лидер за неговата посета по повод 80-годишнината од победата и изрази подготвеност наскоро да ја посети Кина.
Двајцата ја истакнаа важноста на соработката, зачувувањето на историската вистина за Втората светска војна и развојот на меѓусебно корисни односи. Официјалната церемонија на добредојде се одржа во салата „Георгиевска“, а беше најавена и заедничка изјава за медиумите.
Присуството на Си Џинпинг на одбележувањето на годишнината му дава важна политичка поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, кој од самиот почеток ја прикажува војната во Украина како борба против современите нацисти – нешто што Украина и нејзините сојузници го отфрлаат како груб фалсификат.
Путин рече дека „победата над фашизмот има трајно значење“ и дека Русија, заедно со Кина, „ја штити историската вистина и се спротивставува на модерните форми на неонацизам и милитаризам“.
Си Џинпинг нагласи дека Кина и Русија, како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, работат заедно против „унилатерализмот и уцената“ (алудирајќи на САД) и за да промовираат „правилен поглед на историјата на Втората светска војна“, заштитувајќи ги правата на земјите во развој и застапувајќи се за пофер, мултиполарен свет.
Присуството на Си Џинпинг на одбележувањето на годишнината во Москва е силен знак на единство меѓу двајцата авторитарни лидери и нивните земји, во време кога стратегијата за надворешна политика „Америка на прво место“ на американскиот претседател Доналд Трамп ги потресе глобалните сојузи. Путин претходно го нарече Си свој „главен гостин“.
Во писмена изјава по пристигнувањето во Москва, Си нагласи дека Кина и Русија се „добри соседи кои никој не може да ги раздели, вистински пријатели во добро и лошо и сигурни партнери кои си помагаат едни на други да успеат“.