Иако седиштето на Светата столица, односно Папата, е во Ватикан, во Европа постои уште една црква која верува дека нивниот водач е вистинскиот и единствен Папа, а односите меѓу Ватикан и нив се заладија од 1978 година.
Имено, во градот Ел Палмар де Троја во Шпанија, од 1978 година постои Палмарска христијанска црква, која моментално ја раководи Маркус Јозеф Одермат (59), човек кој го носи папското име папа Петар III.
Историјата на црквата е поврзана со конфликтот во Ватикан што следеше во 1978 година, кога почина папата Павле VI.
Иако бил во лоша здравствена состојба поради низа болести, Палмарската црква тврди дека Римската курија го дрогирала Папата со години и со тоа му го отежнувала вршењето на својата работа.
Во тој период, во Шпанија, луѓето почнале да зборуваат за еден човек по име Клементе Домингез Гомез, кој тврдел дека имал виденија за Дева Марија во кои таа го осудувала ересот и прогресивизмот на Римокатоличката црква. Во тој период, Домингез го основал својот религиозен ред во кој наведува дека дејствува според упатствата на Дева Марија.
Во мај 1976 година, во сообраќајна несреќа, тој целосно го изгубил видот, но сепак тврдел дека имал виденија во кои му било кажано дека „тој ќе биде претстојниот Петар, папата кој ќе ја зајакне верата и црквата“.
Тврдејќи дека е наследник на папата Павле VI, во 1978 година Домингез се прогласи за папа Григориј XVII, а неговите следбеници одлучија целосно да ги прекинат врските со Ватикан.
Исто така, во оваа црква, тие истакнуваат дека со смртта на папата Павле VI, завршила општата апостасија на Римокатоличката црква.
„Спротивно на вистината, на отпаднатата римска столица е поставен лажен пастор: злокобниот антипапа Јован Павле I. Слободен ѕидар, волк во овча кожа“, рекоа тие.
Овој папа ја водеше црквата во Шпанија до 2005 година, по што беше наследен од папата Петар II, кој ја држеше функцијата до 2011 година.
Оттогаш до денес, црквата ја води папата Петар III, односно Маркус Одермат, кој по потекло бил од Швајцарија.
Тој, како и неговите претходници, тврди дека Палмарската црква е единствената автентична христијанска црква (Една, Света, Католичка, Апостолска и Палмарска Црква).
„Епископите, свештениците и ѓаконите кои се надвор од Едната, Света, Католичка, Апостолска и Палмарска Црква немаат моќ валидно да извршуваат каков било чин на свештеничка служба“, се наведува во упатствата.
Иако нема точни податоци, се претпоставува дека на оваа црква ѝ припаѓаат помеѓу 1.000 и 2.000 верници.