УНИЦЕФ: Холандија и Данска најдобри земји да се биде дете

од Milan1
12 прегледи

Холандија и Данска се најдобрите две места за да се биде дете, земајќи ја предвид менталната благосостојба, физичкото здравје и вештините, покажа ново истражување објавено од детската организација на ООН, УНИЦЕФ денеска.

Франција го зазеде третото место, а по неа се Португалија и Ирска, според извештајот, во којшто се споредуваат податоците од 43 држави од Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД) и од Европската Унија (ЕУ). Извештајот покажа и дека многу земји претрпеле остар пад на академските вештини на децата, поради затворањето на училиштата од корона-пандемијата. Списокот од топ-10 го дополнуваат Шввајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија и Шведска.

Директорот на италијанскиот Истражувачки институт УНИЦЕФ Иноченти, Бо Виктор Њулонд рече дека „децата веќе се бореле на повеќе фронтови“ и пред пандемијата.

– Сега, во услови на зголемена економска несигурност, земјите треба да им дадат приоритет на образованието, здравјето и благосостојбата на децата за да ги обезбедат нивните животни изгледи и среќата, како и економската безбедност на нашите општества, изјави Њулонд.

Најдолу на листата се Нов Зеланд, Колумбија, Мексико, Турција и Чиле. Додека пак, Австралија, Белгија, Израел, Норвешка и САД не можеа да бидат целосно и соодветно рангирани.

– Во пресрет на пандемијата, податоците поставија загрижувачки репер за благосостојбата на децата, особено за децата од обесправени средини. Степенот на предизвиците со коишто децата се соочуваат значи дека ни е потребен кохерентен, холистички пристап за целото детство, што ќе биде насочен кон нивните потреби во секоја фаза од нивниот живот, рече Њулонд.

Во 43-те земји, околу 8 милиони 15-годишници – околу половина од возрасната група беа оценети како функционално и нумерички неписмени, што значи дека не можат да разберат основен текст. Бројките, во таа смисла, се најголеми во Бугарија, Колумбија, Костарика, Кипар и Мексико.

Се бележи, за среќа, и постојан пад на смртноста на децата, севкупно намалување на самоубиствата кај адолесцентите и зголемување на стапките на завршување училиште.

Сепак, извештајот покрена загриженост за менталното здравје, со пад на задоволството од животот на децата. Јапонија беше единствената земја којашто забележа поголемо подобрување.

Физичкото здравје на децата, исто така, е влошено, при што бројот на деца со прекумерна тежина и натаму е во нагорна линија.

Слични содржини