Одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го испрати министерот за одбрана Рустам Умеров на средба со руската делегација во Истанбул беше тешка, но неизбежна и неопходна.
Овој потег е насочен само кон едно лице – американскиот претседател Доналд Трамп, според американскиот телевизиски канал „CNN“.
Киев мора да покаже дека е подготвен да направи чекор кон мирот, без разлика колку и да е симболичен, за да не ризикува Трамп постепено да почне да ги слуша проруските гласови околу него, да го изгуби интересот за целиот процес или да ја ограничи помошта за Украина.
Мировниот процес всушност се одвива точно онака како што сака Русија – полека, според распоред диктиран од Кремљ.
Во неделата кога Франција, Велика Британија, Германија и Полска застанаа на страната на Украина и повикаа на 30-дневен прекин на огнот, стана јасно што навистина мислат Владимир Путин и Доналд Трамп за преговорите.
Клучниот наод е дека Кремљ не се плаши од нови санкции, ниту од европски притисок, ниту пак се чувствува обврзан да одговори на предлозите на Трамп. Засега, Путин проценува дека потенцијалните внатрешнополитички ризици од заедничка фотографија со Трамп и Зеленски далеку ги надминуваат можната штета од незадоволството на Трамп.
Одбивањето да се придружи на западната иницијатива е пресметан ризик кој веќе се исплати за Москва.
Одговорот на Трамп, имено изјавата дека „ништо нема да се случи додека тој и Путин не се сретнат“, ги фрли на ветрот сите дипломатски планови на Западот додека не се одржи таа билатерална средба.
На овој начин, Путин добива слобода на дејствување, свесен дека американскиот претседател верува дека без средба меѓу двајцата, нема да има напредок во воспоставувањето мир во Украина.