АСОМ: Имаме експертиза и податоци за илјадници нелегални онлајн платформи и подготвени сме за институционална соработка за нивно блокирање

од Nikola Popovski
55 прегледи

Во борбата против нерегулираниот пазар на интернет игри на среќа, Македонија конечно го направи првиот институционален чекор. Од овој месец, 53 интернет-платформи и апликации што нелегално приредувале игри на среќа се блокирани, со што е активирана одредбата од Законот за електронски комуникации и Законот за игрите на среќа. За првпат, граѓаните што ќе се обидат да пристапат на овие страници ќе ги пречека пораката: „Оваа веб-страница е блокирана“.

Од АСОМ – Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, ја поздравуваат оваа акција. Според претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, ова е прва суштинска примена на постојните закони во заштита на легалните приредувачи, државниот буџет и граѓаните.

„Одлуката на Министерството за дигитална трансформација за блокирање на 53 нелегални платформи ја поздравуваме како конкретна имплементација на законот. Тоа е прв пат да видиме системски чекор во оваа насока, што е важно – не само симболично, туку и суштински“, вели Илијевски во интервју за „Фокус“.

Сепак, АСОМ предупредува дека ова не смее да остане изолиран потег. Како што посочуваат, проблемот со нелегалните онлајн обложувалници е длабоко вкоренет, со илјадници активни домени кои често менуваат имиња и адреси, продолжувајќи да работат во сивата зона.

„Проблемот е хроничен и бара долгорочен, координиран пристап. Дополнително, како Асоцијација апелираме за построга контрола врз спроведувањето на овие законски одредби и од страна на телекомуникациските оператори. Според нашите информации не сите оператори ги имаат блокирано веб-страните за кои е издаден налогот од Министерството за дигитална трансформација“, додава Илијевски.

Од АСОМ бараат воспоставување на јасен, транспарентен и континуиран механизам за идентификација и блокирање на нелегални платформи, придружен со јавни листи и редовно информирање на јавноста. Тие ја нудат и својата стручна поддршка и размена на информации со институциите, за доследна имплементација на легислативата и долгорочно стабилизирање на пазарот.

Од АСОМ ја поздравуваат и одлуката за укинување на платформите под сопственост на Државната лотарија и Државната видеолотарија, но потсетуваат дека платформата MegaWin.mk – која е во мешовита сопственост со државата – и натаму е активна.

„Останува неразјаснета состојбата околу MegaWin.mk. Иако Владата побарала информација за нејзиното функционирање, досега немаме одговор дали се преземени мерки. Законот мора да важи за сите. Не смееме да дозволиме селективна примена – ниту од технички, ниту од политички причини“, предупредува Илијевски.

Како успешен пример, АСОМ ја посочува Грција, каде уште од 2013 година постои „црна листа“ со над 10.000 блокирани нелегални сајтови, која се ажурира редовно. Од АСОМ го отвораат и прашањето за контрола на финансиските трансакции. Нелегалните уплати треба да се препознаваат и спречуваат и од страна на банките, што е пракса во повеќе држави. Тоа подразбира контрола и ограничување на финансиските трансакции кон нелегалните оператори. Овие практики успешно се применуваат во многу европски земји, вели Илијевски.

„Банкарскиот сектор треба да има улога во спречување на уплати кон платформи што не се лиценцирани, односно кон субјекти што не се во системот на контрола“, вели Илијевски.

Граѓаните што играат на вакви страници не само што се изложени на измами, туку и се дел од систем што ја заобиколува државата, буџетот и секој облик на одговорност.

Слични содржини