Условите на рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина вклучуваат барање западните лидери писмено да се обврзат дека ќе го запрат ширењето на НАТО кон исток и ќе укинат некои санкции врз Русија, според три руски извори информирани за преговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано вели дека сака да го заврши најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, а во последните денови покажува зголемена фрустрација кон Путин, а вчера предупреди дека рускиот лидер „си игра со оган“ затоа што одбива да учествува во преговорите за примирје со Киев додека неговите сили остваруваат придобивки на бојното поле.
„Тој е подготвен да склучи мир, но не по секоја цена“
По разговорот со Трамп повеќе од два часа минатата недела, Путин рече дека се согласил да соработува со Украина на меморандум што ќе ги утврди принципите на мировниот договор, вклучително и временска рамка за прекин на огнот.
Русија тврди дека во моментов ја изготвува својата верзија на меморандумот и дека не може да процени колку време ќе биде потребно.
Киев и европските влади ја обвинуваат Москва за одложување додека нејзините војници напредуваат во источна Украина.
„Путин е подготвен да склучи мир, но не по секоја цена“, изјави руски извор запознаен со размислувањето на високите функционери на Кремљ, кои се согласија да зборуваат под услов на анонимност.
Пет услови според извори
Три руски извори рекоа дека Путин сака писмено ветување од големите западни сили дека НАТО-алијансата предводена од САД нема да се шири кон исток, што би значело исклучување на Украина, Грузија, Молдавија и други поранешни советски републики од членство.
Русија сака Украина да биде неутрална, укинување на некои западни санкции, решавање на замрзнатите руски средства на Запад и заштита на рускиот говорво Украина, велат три извори.
Според изворот Путин доколку сфати дека не може да постигне мировен договор по свои услови, ќе се обиде да им покаже на Украинците и Европејците со воени победи дека „утрешниот мир ќе биде уште поболен“.
Кремљ не одговори на барањето за коментар.
Путин и руските претставници постојано повторуваат дека секој мировен договор мора да се справи со „причините“ за конфликтот, што за Русија првенствено значи проширувањето на НАТО.
Киев вели дека на Русија не треба да ѝ се даде вето за кандидатурата на Украина за членство во НАТО и вели дека ѝ се потребни силни безбедносни гаранции од Западот за да се одврати секој иден руски напад.
Администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски не одговори на барањето за коментар.
НАТО, исто така, во минатото изјави дека нема да ја промени својата политика на „отворени врати“ само затоа што Москва го бара тоа. Портпаролот на алијансата од 32 члена не одговори на прашањата од Ројтерс.
Русија во моментов контролира нешто помалку од една петтина од територијата на Украина. Иако рускиот напредок се забрза во текот на изминатата година, војната се покажува како многу скапа и за Русија и за Украина во однос на жртвите и трошоците за одбрана.