Поранешниот хирург од Франција, 74-годишниот Жоел Ле Скварнек, обвинет за најобемниот случај на педофилија во историјата на земјата, се очекува да биде осуден на 20 години затвор во наредните часови, кога ќе заврши неговото судење во Ван, Бретања.
За време на шокантното тримесечно судење, Ле Скварнек беше обвинет за 111 силувања и 189 сексуални напади извршени помеѓу 1989 и 2014 година, главно врз деца под 15 години. Нападите се случиле во најмалку десетина болници, додека многу од жртвите биле под анестезија или се опоравувале од операции.
Тој ги призна злосторствата пред судот, велејќи:
„Бев хирург кој го искористи својот престиж за да напаѓа деца не го негирам тоа“, и изјави дека не бара помилување од судот. Психијатриските проценки го опишаа и како „екстремно опасен“.
Случајот извади на виделина огромни празнини и небрежност во францускиот здравствен систем. И покрај неговата пресуда во 2005 година за поседување материјал за злоупотреба на деца по предупредување од ФБИ тој доби само условна казна и никогаш не му беше забрането да работи со деца. Тој продолжил да биде вработуван во јавни и приватни болници до неговото пензионирање во 2017 година.
Директорите на болниците и лекарите сведочеа пред судот дека или ги игнорирале или не ги истражиле соодветно сомневањата против него. Директорката на болницата во Соњак, Мишел Калс, изјави дека била свесна за неговата пресуда, но го вработила затоа што им „требале хирурзи“ и дека немало официјална директива за негово исклучување од позицијата.
Психијатарот Тиери Бонвалот го нарече случајот „медицинско фијаско“, додека раководителот на Медицинското здружение во Шарант-Моритм рече дека „со денешното искуство“ ќе беа донесени различни одлуки.
Ле Скварнек веќе отслужува 15-годишна казна од 2020 година за четири случаи на силување малолетнички, додека се очекуваат нови гонења бидејќи обвинителството отвори досие за стотици нови жалби.
Надвор од судот, околу 20 жртви и нивните роднини протестираа против „молчењето на политичкиот свет“, повикувајќи на формирање истражна комисија.
„Незамисливо е ова судење на векот да не е пресвртница за владата и општеството“, рекоа тие.
Манон Лемуан, која била силувана од хирургот на 11-годишна возраст, рече:
„Тие се обидуваат да го претстават како чудовиште, но вистинското чудовиште е општеството кое го создало и му дозволило да продолжи понатаму“.