Рускиот претседател Владимир Путин во средата оствари телефонски разговор со новоизбраниот папа Лeo XIV, разговарајќи за војната во Украина и можностите за постигнување мир. Ова беше првпат новиот поглавар на Римокатоличката црква да разговара со руски лидер, што на разговорот му даде посебна тежина.
Според соопштението од Кремљ, Путин изразил подготвеност да се постигне мир преку политички и дипломатски средства, но истовремено го обвини Киев дека ја ескалира ситуацијата на бојното поле.
„Режимот во Киев смета на натамошна ескалација на конфликтот и врши саботажи врз цивилната инфраструктура на руската територија“, наведуваат од Кремљ.
Путин истакнал дека за да се дојде до „праведно и сеопфатно решение“ на кризата, потребно е да се отстранат нејзините длабоки корени, алудирајќи на историските и политичките причини што, според него, довеле до конфликтот.
Иако Русија во минатото учествуваше во директни преговори со Украина, особено во Истанбул, Москва сè уште поставува услови кои многумина ги сметаат за максималистички — вклучително и барањето Украина да се откаже од четири региони што Русија ги зазеде по инвазијата.
Од украинска страна, тврдат дека Москва ги користи преговорите како алатка за добивање време и за избегнување нови санкции од страна на САД, особено во светло на американската внатрешна политика и односот со претседателoт Доналд Трамп.
Во разговорот, Путин го осуди и потегот на украинската влада да ја забрани Православната црква која е поврзана со Московската патријаршија — црква која до неодамна имаше најголем број верници во Украина.
„Рускиот претседател го повика папата поактивно да се ангажира во заштита на слободата на вероисповед во Украина“, пренесе Кремљ.
Инаку, Ватикан во последниот период беше споменуван како потенцијално место за идни мировни преговори меѓу двете страни. Путин, во разговорот со папата, изрази благодарност за „подготвеноста на Светата столица да придонесе за решавање на конфликтот“.