Грета Тунберг отплови за Газа – Израел: „Подготвени сме да дејствуваме“

од Марта Пешевска
23 прегледи

Шведската активистка за климатски промени, Грета Тунберг, отплови кон Газа со бродот „Мадлен“, кој носи хуманитарна помош за цивилите во регионот. Израелската војска, пак, предупреди дека е „подготвена да дејствува“ за да го спречи бродот да пристигне. Портпаролката на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Ефи Дефрин, изјави за „Тајмс оф Лондон“ дека Израел има искуство во вакви ситуации и ќе преземе соодветни мерки, но не прецизираше какви точно.

Бродот „Мадлен“ е дел од Коалицијата на флотилата на слободата (FFC) и плови од Катанија, Италија. На него има 12 меѓународни активисти, меѓу кои и ирскиот актер Лиам Канингем, познат по серијата „Игра на тронови“. Тие носат основни хуманитарни продукти – млеко, храна за бебиња, пелени, брашно, ориз, хигиенски средства, филтри за вода и медицинска опрема.

Појасот Газа е под строга блокада повеќе од 90 дена, со ограничувања на копно, море и воздух од 2007 година. Организаторите на оваа мисија велат дека станува збор за ненасилна акција, насочена кон директно оспорување на, како што го нарекуваат, „нелегалниот израелски опсаден режим“ и предупредување за можна ескалација на воените злосторства. За време на патувањето, активистите пријавиле дека биле следени од беспилотни летала, за кои се сомневаат дека припаѓаат на грчката крајбрежна стража. Тие повикаа на гарантирање на нивната безбедност од страна на меѓународната заедница.

Грета Тунберг сподели снимки и фотографии од бродот на социјалните мрежи, вклучувајќи ја и една каде што држи палестинско знаме и е завиткана во шамија, додека плива во Средоземното Море.

„Тука сме затоа што веруваме дека дури и кога шансите се против нас, не смееме да престанеме да се обидуваме. Во моментот кога ќе застанеме – ја губиме нашата човечност“, рече Тунберг со солзи во очите пред тргнувањето.

Иако реакцијата на Израел на пристигнувањето на бродот сè уште не е позната, тензиите во регионот се зголемуваат, а евентуалното пристигнување на хуманитарниот брод може да предизвика нова криза.

Слични содржини