Австрија е во шок по трагичниот масакр што се случи утринава во училиште во Грац, каде што животите ги загубија девет лица, најмногу деца, а неколку други се тешко повредени. Локалните медиуми, меѓу кои и порталот oe24.at, го објавија идентитетот на напаѓачот — 22-годишниот Артур А., поранешен ученик во истото училиште каде што го изврши масовното злосторство. Според првичните информации, Артур го завршил тоа училиште пред две години.
За него сведочат како за тивок и повлечен млад човек, кој никогаш не покажувал знаци на насилство. Но, зад тој мирен изглед, како што пишуваат медиумите, се криела долготрајна психичка болка и чувство на неправда, наводно поради години на малтретирање. Нападот се случил околу 10 часот наутро, кога Артур вооружен со два легално поседувани огнени оружја — полуавтоматски пиштол „Глок“ и ловечка пушка — влегол во училиштето.
Започнал да пука во две училници, од кои една, според извори, била токму неговата поранешна училница. Во крвавиот напад животот го загубија четири девојчиња од петто одделение, три ученички од осмо одделение, една ученичка пред влезот на училиштето и уште една возрасна жртва. Повредени се најмалку 28 лица, меѓу кои ученици и наставници, од кои четворица се во критична состојба, со прострелни рани во главата.
По нападот, напаѓачот се затворил во училишниот тоалет каде што си го одзел животот. На местото на настанот беа испратени стотици припадници на полицијата и итните служби. Градот Грац е завеан со тага, а истрагата за мотивите и потеклото на трагедијата е во тек. Сите детали за овој трагичен настан можете да ги следите на специјализираниот блог посветен на масакрот во Грац.