Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли најновата „мировна понуда“ од Русија, нарекувајќи ја ултиматум кој Киев не може да го прифати. Во интервју за унгарскиот медиум „Валаш онлајн“, Зеленски откри дека руските преговарачи дури и признале оти знаат дека нивниот предлог не е вистинска понуда за мир, туку притисок врз Украина со цел да се одложат преговорите и да се поткопа меѓународната поддршка за земјата.
Изјавите на Зеленски доаѓаат по втората рунда директни разговори што се одржаа во Истанбул на 2 јуни, каде Русија ѝ предаде на украинската страна документ со строго дефинирани барања за прекин на огнот. Меѓу нив се признавање на руската анексија на Крим, Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, иако дел од овие региони сè уште не се целосно под руска контрола. Дополнително, Москва бара повлекување на украинските сили од тие области, како и прогласување неутралност, прекин на странска воена помош, признавање на рускиот јазик како службен и амнестија за проруски соработници. Сите овие барања се спротивни на стремежите на Украина за членство во ЕУ и НАТО и претставуваат директна закана за нејзиниот суверенитет.
Зеленски нагласи дека украинската делегација има мандат да преговара исклучиво за хуманитарни прашања, како што се размена на затвореници, враќање на децата однесени во Русија и ослободување на цивили, но не и за украинскиот територијален интегритет. Тој изјави дека нема намера да дискутира за територии што му припаѓаат на украинскиот народ и оти тоа не е прашање за преговори, туку уставна обврска.
Украина на состанокот во Истанбул предложила размена на сите затвореници, враќање на киднапираните деца, користење на замрзнатите руски средства за обнова на земјата и можност за делумно укинување на санкциите во случај на вистински прекин на огнот. И покрај тоа што не е постигнат политички договор, двете страни се согласија на ограничени хуманитарни чекори, меѓу кои се размена на заробеници и тела на загинати војници.
Додека Украина и САД продолжуваат да бараат безусловен прекин на огнот, Русија останува на своите максималистички позиции. Американскиот претседател Доналд Трамп, според извештаи, изразил незадоволство од однесувањето на Русија, но засега не презел нови чекори за санкционирање. Киев, пак, останува цврст во ставот дека мирот може да се постигне само со правични услови и вистински безбедносни гаранции, а не со откажување од сопствената територија и иднина.