Доколку емисиите на јаглерод диоксид останат на сегашните нивоа, Земјата би можела да ја надмине границата за глобално затоплување од 1,5 степени Целзиусови за три години, предупредуваат повеќе од 60 од водечките светски научници за клима во најновата проценка на состојбата на планетата.
Во историскиот Париски договор од 2015 година, речиси 200 земји ветија дека ќе се обидат да го ограничат порастот на глобалните температури на под 1,5 степени Целзиусови над нивоата од крајот на 19 век, со цел да се избегнат најлошите ефекти од климатските промени.
„Работите одат во погрешна насока. Земјата се затоплува, нивото на морето брзо се зголемува, а сите промени што ги гледаме сега беа предвидени и се директно поврзани со екстремно високите емисии на стакленички гасови“, предупреди водечкиот автор на извештајот, професорот Пирс Фостер од Универзитетот во Лидс, објави Би-Би-Си.