Владејачката партија Ликуд во Израел бележи зголемување на поддршката кај гласачите по најновите конфликти со Иран, според најновото истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата „Лазар рисрч“ за порталот „Вала“, кој е во сопственост на „Џерусалем пост“.
Според резултатите објавени денес, Ликуд сега би освоил 26 места во израелскиот парламент, во споредба со 22 во претходната анкета.
И покрај растот на поддршката за Ликуд, пишува порталот „Вала“, промените се случуваат главно во рамките на владиниот блок.
Екстремно десничарската партија „Окма Јехудит“ (Еврејска сила) на Итамар Бен-Гвир губи две места и сега има шест.
Во опозицискиот блок, Демократската партија предводена од Јаир Голан забележа раст во 12 мандати, на сметка на партиите „Јеш Атид“, „Државниот блок“ и партијата на Бенет.
Блокот на Нетанјаху расте од 46 на 48 места, додека опозицијата паѓа од 63 на 62, но сепак има парламентарно мнозинство, што потенцијално му овозможува на Бенет да формира алтернативна влада без учество на арапските партии.
Анкетата, исто така, покажува дека 52 проценти од граѓаните го поддржуваат прекинот на непријателствата со Иран меѓу нив се 66 проценти од гласачите на опозицијата и 34 проценти од оние кои ја поддржуваат владејачката коалиција.
Една третина се против прекинот, од кои речиси половина доаѓаат од гласачите на коалицијата, додека 15 проценти немаат мислење за ова прашање.
Резултатите од анкетата, според порталот „Вала“, покажуваат појасни ставови на граѓаните кога станува збор за војната во Газа.
Дури 67 проценти од испитаниците го поддржуваат нејзиното прекинување и склучување договор за ослободување на заложниците, вклучувајќи 90 проценти од гласачите на опозицијата и 67 проценти од неопределените гласачи.
Спротивно на тоа, 54 проценти од гласачите на коалицијата, во која е вклучена и партијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, се противат на таков договор.
На прашањето дали го промениле своето мислење за Нетанјаху, мнозинството испитаници, 54 проценти од нив, изјавиле дека нивното мислење не се променило и покрај настаните од војната.
Една третина велат дека сега имаат попозитивен став, додека само 8 проценти имаат понегативен став.
Меѓу неопределените, Нетанјаху забележа „нето добивка“ од двојно повеќе испитаници сега имаат позитивно мислење за него отколку негативно, заклучуваат резултатите од анкетата.
Анкетата, која беше спроведена на 24 и 25 јуни, вклучи 583 испитаници, избрани како репрезентативен примерок од возрасната израелска популација, и Евреи и Арапи, а максималната статистичка грешка е 4,3 проценти, според агенцијата за испитување на јавното мислење.