ФотРуската влада воведе санкции за германскиот производител на стопански возила „Дајмлер Трак“, која на почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година го прекина своето работење во Русија, а минатата година успеа и да го продаде својот 15 процентен удел во најголемиот руски производител на камиони „Камаз“ во 2024 година.
Според „Росискаја газета“, причина за додавањето на „Дајмлер Трак“ на листата на санкционирани западни фирми веројатно е наводна испорака на камиони на украинската војска.
Додавањето на германскиот гигант на списокот санкционирани западни компании значи забрана за какво било тргување на руски фирми со него, како и поништување на сите финансиски обврски кон „Дајмлер Трак“.
Руските санкции се одговор на економските санкции на ЕУ за Русија. Советот на ЕУ во понеделникот ги продолжи секторските санкции кон Русија за уште шест месеци. Овие санкции во Русија се воведени уште во 2014 година, а беа дополнително проширени по руската инвазија на Украина. Досега се воведени 17 пакети санкции на ЕУ за Русија, коишто вклучуваат рестрикции за трговија, финансии, енергија, технологија, стоки со двојна намена, транспорт, индустрија и луксузни стоки. Санкциите вклучуваат и забрана на увоз и транзит на сурова нафта и нафтени деривати од Русија во ЕУ.
Членките на ЕУ се обидуваат да донесат 18-ти пакет санкции за Русија, на што се спротивставуваат Унгарија и Словачка, коишто бараат и понатаму да им се дозволи да купуваат нафта и гас од Русија.
Европската комисија неодамна предложи ЕУ дефинитивно да се ослободи од зависноста од руски фосилни горива до 2027 година.