Нови детали за самоубиството на министерот на Путин: Пронајден е со прострелна рана

од Milan1
57 прегледи

Поранешниот руски министер за транспорт Роман Старовоит беше пронајден мртов со прострелна рана во својот автомобил, само неколку часа откако беше објавено дека е отпуштен, објави „Скај њуз“.

Старовоит, поранешниот гувернер на Курската област, наводно извршил самоубиство, а веста за неговата смрт дојде откако рускиот претседател Владимир Путин го отпушти од функцијата министер за транспорт.

„Телото на поранешниот министер за транспорт на Руската Федерација, Роман Владимирович Старовоит, беше пронајдено денес во неговото лично возило со прострелна рана во Одинцовскиот округ“, се вели во соопштението за медиумите на Рускиот истражен комитет.

Отстранет поради корупција

Околностите за смртта на Старовоит сè уште се истражуваат, а во соопштението за медиумите се додава дека главната верзија е самоубиство.

Старовоит беше назначен за министер за транспорт во мај 2024 година, по речиси пет години како гувернер на Курската област, која се граничи со Украина.

Да потсетиме, според информациите на каналот 112, поранешниот гувернер на Курската област Алексеј Смирнов, кој претходно беше уапсен за проневера при изградба на заштитни објекти, претходно сведочеше против Старовоит. После тоа, Старовоит беше разрешен од функцијата министер за транспорт.