„Успеавме. Од 1.1.2026 Бугарија официјално ќе го воведе еврото. Благодариме на сите институции, партнери и сите чиишто напори го направија овој важен момент можен“, напиша бугарскиот премиер Росен Жељазков попладнево на неговиот профил на Х, откако и Европскиот парламент и Советот на ЕУ во своите процедури денеска го одобрија влезот на Бугарија во Еврозоната.
Со 531 гласови „за“, 69 „против“ и 79 „воздржан“, Европскиот парламент денеска го одобри извештајот за присоединувањето на Бугарија на Еврозоната од 1 јануари следната година.
Пред гласањето, Рада Лајкова, европратеничката од крајно десничарската „Европа на суверените нации“ побара тоа да биде одложено поради, како што рече, конфликт на интереси. Мотивот, според неа, е тоа што известувачот Ева Мајдел е од владејачката партија, а од неа се очекувало сесрдно да ја оценува „власта“. Таквиот предлог беше отфрлен, со само 71 глас „за“, „против“ беа 539 европратеници, а воздржани 64.
Потоа Советот на ЕУ за економски и финансиски прашања (ЕКОФИН) ги прифати трите правни акти со кои Бугарија ќе го воведе еврото на почетокот на следната година и со тоа процедурата за замена на левот со еврото се смета за завршена, порача Брисел.
На седницата на Советот на ЕУ, беа усвоени Решението на Советот за примањето на еврото од страна на Бугарија; потоа Регулативата на Советот за измени на Регулатива 974/98 за воведувањето на еврото во Бугарија; како и Регулативата на Советот за измени на Регулативата за менувачкиот курс за еврото за Бугарија.
Со тоа официјално заврши формалниот процес со којшто Бугарија станува 21-та членка на Еврозоната.
Денешните одлуки стапуваат на сила кога ќе бидат објавени во Службениот весник на Европската комисија.
Менувачкиот курс е фиксиран на 1,95583 лева за едно евро.