Францускиот претседател Емануел Макрон денеска пред Британскиот парламент порача дека Европа ќе остане посветена на Украина. Тој истакна дека „коалицијата на добронамерните“, иницирана од Париз и Лондон, испраќа силна порака дека „Европа никогаш нема да ја напушти Украина“.
Макрон рече дека коалицијата ќе се залага за прекин на огнот и почеток на мировни преговори, нагласувајќи: „Нашата безбедност и нашите заеднички принципи се во прашање“.
Во однос на ситуацијата на Блискиот Исток, Макрон предупреди на опасноста од „војна без крај и без стратешка цел“ и повика на итен прекин на огнот во Газа, заснован на решение со две држави – Израел и Палестина.
Францускиот лидер ја истакна потребата Европа да стане поотпорна и помалку зависна од САД и Кина, повикувајќи на зајакнување на демократските институции и заштита од странско мешање, дезинформации и негативно влијание преку социјалните мрежи.
Во делот за билатералните односи, Макрон оцени дека партнерството меѓу Франција и Обединетото Кралство се продлабочува и влегува во нова фаза. Тој додаде дека двете земји имаат заедничка одговорност да се справат со шверцот на мигранти преку Ламанш, повикувајќи на европски одговор за долгорочно и ефикасно решение.