ДВ: Дали Германија ќе произведува тенкови наместо автомобили?

од desk2
12 прегледи

18 март 2025 година ќе влезе во германската историја како ден на кој Бундестагот, со двотретинско мнозинство, го отвори патот за невидено задолжување, пишува Дојче веле. Одобрен беше пакет инвестиции од повеќе милијарди евра за инфраструктурата. Во иднина не треба да има ни ограничувања за одбраната на земјата. Сѐ што е потребно за Германија и Бундесверот повторно да бидат „способни за војна“ – како што министерот за одбрана Борис Писториус милува да бара по руската инвазија врз Украина – треба да биде финансирано. Канцеларот Фридрих Мерц сака германската армија да стане најсилна конвенционална армија во Европа.

За фирми што градат патишта и мостови, поставуваат железнички шини или произведуваат оптички кабли за брз интернет, ова се одлични вести.Воената индустрија, пак, профитира уште повеќе. Со децении, таа стануваше сè понезначајна во германската економска структура. Кој во Германија воопшто покажуваше интерес за тенкови? Во 2020 година акција во најголемата германска воена компанија, Рајнметал, чинеше 59 евра. Во јуни 2025 година, таа вредеше меѓу 1.700 и 1.800 евра. Главната швајцарска банка УБС предвидува натамошни зголемувања и во моментов зборува за цена од 2.200 евра како цел.

Ветување за „гигантска конјунктурна програма“
Златни времиња за браншата, но нејзините менаџери тврдат дека трошоците за одбрана нема да се од корист само за компаниите. „Издатоците за одбрана се гигантска конјунктурна програма“, порача во март годинава Оливер Дере, шеф на фирмата Хенсолт.

И политичарите се надеваат на модернизација на индустријата и нов поттик за економски раст. Но, во дебатата во пресрет на одлуката на Бундестагот, економистите ја ублажија еуфоријата. „Зголемувањето на владините воени издатоци ќе ѝ даде поттик на германската економија, но импулсот за економијата ќе биде прилично умерен“, напиша Том Кребс, професор по економија на Универзитетот во Манхајм, во анализа за Комисијата за буџет на Бундестагот.

Економистите предупредуваат: ниска заработка и покрај високите издатоци

Кребс и неговиот колега Патрик Качмарчик дополнително ја прецизираа проценката во студија во која испитувале колку дополнителните владини издатоци го зголемуваат брутодомашниот производ, односно збирот на сите економски активности. За воените издатоци во Германија излегува фактор од максимум 0,5. Во превод тоа значи дека секое евро потрошени владини пари во најдобар случај ќе создаде 50 центи дополнителна економска активност. За споредба, инвестиции во инфраструктура и образование или зголемување на бројот на градинки и училишта, ја удвојуваат или тројно ја зголемуваат инвестицијата. „Од економска перспектива, планираната милитаризација на германската економија е коцкање со висок ризик и низок вкупен економски принос“, вели Кребс.

Трошењето за одбрана е како осигурување
Не е тешко да се објасни зошто е тоа така. Ако се прави тенк, тој или некаде стои или, во најлош случај, ќе биде уништен. Тоа не придонесува за никаква додадена вредност за економијата. Трошоците за одбрана се како осигурување – се склучува за во најлош случај да се има заштита. Но, ако осигурувањето не е потребно, парите пропаднале. Ако државата од друга страна инвестира во патишта, на тие патишта, мостови и железници може да се транспортира стока која може да се користи за производство и тоа потоа да се продава. Ако се прават градинки, родителите може да работат и да заработуваат пари. Училиштата ги обучуваат младите луѓе за идните задачи.

Недостаток на конкуренција предизвикува зголемување на цените
Производство во воена индустрија во моментов генерира само ограничен економски раст. Книгите за нарачки во германската одбранбена индустрија се преполни. Рајнметал, на пример, во првиот квартал од 2025 има нарачки од речиси 63 милијарди евра. Пред почетокот на украинската војна, со нешто над 24 милијарди евра, нарачките не беа ни половина од сегашните.

И други компании во индустријата имаат доста работа и производствените капацитети се целосно искористени. Тоа има две последици. Прво, ако понудата е ограничена, а побарувачката расте, тоа доведува до недостиг на конкуренција, поради што вообичаено цените растат. Економисти као Кребс и Качмарчик предупредуваат дека „зголемените одбранбени издатоци помалку придонесуваат за одбранбената способност, а повеќе за профитните маржи и дивидендите на воените компании“.

Тенкови наместо автомобили
Но, и цивилните индустрии гледаат шанси за добар бизнис, особено оние кои страдаат поради економската криза. На пример, „Дојц АГ“ од Келн произведува мотори за дигалки, но и за земјоделски возила, багери и други големи машини. Поради лошата економска состојба продажбата во 2024 година падна за дванаесет проценти. „Дојц АГ“ веќе произведува мотори за воени возила. Тој досега мал сегмент од нивниот бизнис сега треба значително да се зголеми.

„За нас одбранбениот сектор е многу важен и интересен пазар со голем потенцијал за раст“, изјави во март извршниот директор на компанијата, Себастијан Шулте.

Друг пример е „Фолксваген“, кој е во криза и веќе мораше да отпушти илјадници работници. Фабриката во Ознабрик е речиси пред затворање. Рајнметал проверува дали таму би можеле да се прават тенкови. Ова се два примери кои ѝ користат на економијата, но само со компензација на загуби, а не со покренување дополнителен раст.

Но, дури и компаниите на кои финансиски добро им оди, се преориентираат кон воена индустрија. Посебно е голема побарувачката за добавувачи во метало-преработувачката индустрија.

Слични содржини