Британецот Лук Винтрип за седум години ја запросил својата избраничка Сара Винтрип дури 43 пати, по што таа конечно рекла „да“, а приказната за оваа несекојдневна љубовна ситуација го обиколи светот.
Првпат ја запросил на Јамајка, по шест месеци врска. И двајцата претходно биле во сериозни односи, па Сара не сакала пребрзо да се врзе.
„Не го очекував тоа. Го сакав, но не сакав да кажам „да“ на нешто за што подоцна би можела да зажалам. Лук ми рече:“Во ред, добро, но ќе продолжам да те прашувам’“, изјавила таа во интервју за Kennedy News.
Секојпат кога ќе му речела „не“, тој станувал сѐ покреативен. Ја просел во напуштени замоци, ангажирал музичари, организирал вечери со свеќи… Еден напуштен замок во Прага го претворил во бајковито место, но дури и тогаш добил одбивање.
„Знаев дека е рано, но едноставно знаев дека таа е вистинската. Пријателите ми велеа: ‘Се обидуваш да ја измориш’, но не беше така. Сакав да ѝ докажам колку многу го сакам ова и се надевав дека еден ден нашите ќерки ќе го видат тоа и ќе речат: „Ако Лук толку ја сака мама, и јас сакам некој што ќе ме сака толку многу’“, раскажува Лук.
Сара во 2023 година конечно се согласила да се омажи за него. Тој момент се случил во Гринич, Лондон, а уличен музичар ги свирел сите нејзини омилени песни.
„Кога ме запроси, ми рече: ‘Ова е центарот на светот, а ти си центарот на мојот свет и сакам да се омажиш за мене’. Конечно го освои моето срце“, се присетува таа.
Додаде дека не жали што ѝ требало долго време да влезе во брак и им порача на жените секогаш да ѝ веруваат на својата интуиција.
„Мислам дека треба да биде впишан во Гинисовата книга на рекорди. Благодарна сум што беше толку истраен“, изјавила Сара.