Кинеските научници се спуштија на дното на Тихиот Океан и беа воодушевени – животот напредува дури и на длабочина од 10 километри

од Весна Петровска
6 прегледи

Океанското дно полно со школки, колони бактерии што изгледаат како мраз и како полиња со цевчести црви – се само некои од примерите на чудниот, екстремен живот што го забележа, сними и фотографира експедицијата во најдлабоките делови на океанот.

Користејќи подморница со човечки екипаж, кинески тим истражувачи се нурна во океанските ровови во северозападниот дел на Пацификот и го документираше животот на длабочини поголеми од девет километри.

Принтскрин/Youtube

Најдлабокиот морски ’рбетник снимен пред оваа експедиција беше на длабочина од 8.336 метри – риба од видот пужевица, која во 2023 година беше снимена во длабок океански ров крај јапонскиот брег. Новите откритија се објавени во списанието Nature, пренесува РТС.

Иако научниците и претходно претпоставуваа дека има живот на тие длабочини, тимот од оваа мисија изјави дека количеството животни што ги виделе низ прозорците на нивната подморница било неверојатно.

Научната експедиција покрила повеќе од 2.500 километри, истражувајќи ровови на длабочини од 5.800 до 9.533 метри.

Истражувачите патувале со подморницата „Фендоуже“, која може да издржи длабочини поголеми од 10 километри и да остане таму неколку часа.

Тимот, предводен од истражувачи од Институтот за наука и инженерство на длабоко море при Кинеската академија на науки, открил нешто што го опишуваат како „цветачки заедници“ на суштества.

„Возбудливо е, особено за научник кој се занимава со длабоко море, да оди на место што никогаш досега не било истражено од луѓе. Тоа е огромна можност да се откријат нови нешта. А она што го видовме беше навистина неверојатно“, изјави д-р Сјаотонг Пенг за Би-Би-Си.

Принтскрин/Youtube

Научниците фотографирале и снимиле морски полиња – доминирани од различни видови цевчести црви и мекотели. Овие животни живеат во целосна темнина и под огромен притисок.

Без сончева светлина, животот на тие длабочини се заснова на хемиски соединенија што излегуваат од океанското дно. Водород-сулфид и метан излегуваат од пукнатини во Земјината кора.

Научниците велат дека снимиле видови што никогаш досега не биле видени. Во идните истражувања се надеваат дека ќе утврдат како телата на овие таканаречени „хемосинтетски“ или хемиски водени суштества ги претвораат тие супстанции во енергија.

Принтскрин/Youtube

„Мора да имаат некаков механизам за прилагодување на животот под екстремно висок притисок. И тоа е прашање на кое мораме да најдеме одговор“, додава д-р Мегран Ду, исто така од Институтот за наука и инженерство на длабоко море.

Откритијата ги доведуваат во прашање долгорочните претпоставки за можноста за живот на толку екстремни длабочини и притисоци. Тие исто така укажуваат на тоа дека ваквите заедници на животни не се реткост, туку се широко распространети.

Проф. Ендру Свитман, водечки научник од Шкотското здружение за морска наука, за Би-Би-Си изјави дека ова откритие покажува оти „екосистеми поттикнати од метан можеби постојат и во најдлабоките делови на океанот“.

 

Слични содржини