ЦИВИЛ: Либерализацијата на продажбата на муниција е закана за безбедноста и го компромитира евроинтегративниот процес

од Nikola Popovski
4 прегледи

ЦИВИЛ – Центар за слобода остро ја осудува одлуката на неодамнешната одлука на Министерството за внатрешни работи да предложи измени во Законот за оружје со кој им се дозволува на цивилните сопственици на огнено оружје да купуваат муниција без претходно одобрение, туку директно од овластените правни субјекти, односно продавачи на оружје и муниција. Оттаму сметаат дека ова сериозно ја поткопува јавната безбедност и го нарушува меѓународниот углед на Северна Македонија.

Последици по јавната безбедност

1.      Отворање дополнителни можности за нелегалната трговија

Западен Балкан веќе служи како главен извор на шверц на мало оружје и муниција во Европа. Отстранувањето на одобрението што го издава МВР за набавка на муниција, драматично го зголемува ризикот од пренасочување на легалната муниција кон криминални мрежи.

2.      Јакнење на мрежите на организираниот криминал и терористичките мрежи

Организираните криминални мрежи што работат низ Северна Македонија и соседните земји и онака се зајакнуваат поради неконзистентноста и пропустите во контролата на оружјето во целост. Либерализираниот пристап значи дека повеќе уште муниција ќе влезе во оптек без трага, што ја прави погодна за злоупотреба. Либерализацијата што ја предлага МВР, односно министерот Панче Тошковски, претставува отстапување од Протоколот на Канцеларијата за дрога и криминал при ОН (UNODC Firearms Protocol). Оваа постапка ќе придонесе и кон јакнење на терористичките мрежи кои во ова ќе видам можност за создавање залихи од муниција.

3.      Преоптоварување на капацитетите за спроведување истраги

И покрај тоа што МВР на Северна Македонија доби опрема финансирана од ЕУ за истраги на местата на злосторството и на огненото оружје, релевантните оддели при Министерството веќе се соочуваат со сериозен притисок. Новата политика што ја предлага министерот Тошковски, само дополнително ќе го оптовари системот, затоа што ќе се појават проектили чија трага ќе биде многу потешко да се следи, а со тоа и сторителите на кривични дела со оружје ќе бидат помалку достапни на органите на прогонот.

4.      Ослабување на механизмите за контрола и проверка

Механизмите за контрола и проверка, кои веќе се предмет на критика и намалена јавна доверба, како и предизвиците поврзани со корупцијата, дополнително ќе бидат ослабени со либерализацијата на набавката на муниција за лицата што легално поседуваат оружје.

-ЦИВИЛ, како организација со 25-годишна традиција во јавното застапување на строгата контрола на оружјето, членка на IANSA и Control Arms од самите почетоци, апелира итно да се повлечат предложените измени. Оваа одлука ја загрозува безбедноста на граѓаните, ги охрабрува криминалните актери и испраќа опасен сигнал до регионалните и европските засегнати страни.

Наместо дерегулација, земјата треба да усвои:

·        Задолжително претходно овластување за секоја набавка на муниција од страна на цивилни лица

·        Ригорозно евидентирање и следење

·        Осовременување на системот преку автоматизирани механизми за следење и проценка на ризикот од пренасочување на оружјето и муницијата.

Таквите мерки не само што ги штитат граѓаните, туку и ја зацврстуваат евроинтеграцијата и кредибилитетот на земјата, стои во соопштението на ЦИВИЛ.

Слични содржини