Apple се враќа во Америка

од Весна Петровска
19 прегледи

Извршниот директор на Apple, Тим Кук, може да воздивне со олеснување, барем за кратко.

Иако американската администрација под водство на Доналд Трамп во среда објави дополнително зголемување на царините за индиски увоз за 25 проценти, со што вкупните царини достигнаа дури 50 проценти, паметните телефони се ослободени од новите мерки. За Apple, кој се подготвува за есенското лансирање на новиот iPhone, ова е клучна вест.

Покрај тоа, Apple ќе избегне царини и за полупроводници бидејќи се обврза да произведува компоненти за iPhone во Соединетите Држави, рече Трамп. „Тој не инвестира вакви средства никаде на друго место во светот.“ Apple се враќа во Америка, тврди американскиот претседател, пишува CNN.

Царините се тука, но не се најголемата загриженост

Иако Apple ги избегнува најтешко погодените, царините имаат цена – компанијата проценува дека ќе изгуби 1,1 милијарда долари овој квартал. Но, аналитичарите тврдат дека Apple има поголеми предизвици; пред сè, стратегија за развој на производи и позиционирање во трката за вештачка интелигенција, каде што заостанува зад конкуренцијата.

„Царините се само дел од проблемот, можеби 20 проценти“, вели Џин Манстер од „Дипвотер Асет Менаџмент“. „Регулаторните притисоци сочинуваат околу 25 проценти, но дури 55 проценти се однесуваат на прашањето како Apple ќе ја искористи вештачката интелигенција.“

Успехот на Apple се базира на разновиден синџир на снабдување, делумно префрлен од Кина во Индија и Виетнам за време на пандемијата. Тим Кук е познат по логистичката ефикасност, а високите профити на Apple му даваат многу простор за прилагодување. „Отпорноста на синџирот на снабдување постои токму поради овие ситуации“, вели аналитичарот Рунар Бјорховде од „Каналис“.

iPhone останува зависен од Индија и Кина

Повеќето iPhone-и што се продаваат во САД доаѓаат од Индија, а американскиот пазар е најважен за Apple. Иако новите модели се разликуваат по регион – на пример, iPhone-ите во САД немаат физички SIM-картички и поддржуваат mWave 5G – компанијата сè уште нема алтернатива за производство надвор од Кина и Индија.

„Тоа е сериозен тактички предизвик“, вели Бјорховде. „Неопходно е да се најде рамнотежа и да се предвиди што ќе се случи потоа.“ Кук рече дека iPhone-ите ќе продолжат да се составуваат надвор од САД „уште некое време“, но нагласи дека сè поголем број компоненти се произведуваат во САД – вклучувајќи стакло, модули за Face ID и чипови.

Но, вистинската закана доаѓа од друг фронт – вештачката интелигенција. Apple е под притисок цела година поради доцнења во развојот на Siri и заостанување зад конкурентите како што се Google, Microsoft и OpenAI. Планираното подобрување што ќе го направеше Siri поинтерактивен и поинтегриран не пристигна на време за минатогодишното лансирање на iPhone 16.

Google неодамна му се потсмеваше на Apple со реклама за Pixel 10: „Ако купувате телефон за функција што „доаѓа наскоро“, но постои веќе една година – можеби треба да редефинирате што значи „доаѓа наскоро“. Во меѓувреме, Microsoft и Nvidia достигнаа 4 трилиони долари пазарна капитализација, делумно благодарение на инвестициите во вештачка интелигенција – пазарен рекорд што претходно се очекуваше од Apple.

Бизнис моделот на Apple, за разлика од конкурентите, сè уште се потпира на продажба на хардвер, додека другите компании заработуваат пари од инфраструктурата, моделите и услугите за вештачка интелигенција.

Кук: „Вештачката интелигенција е една од најдлабоките технологии на нашето време“

За време на неодамнешното објавување на кварталните приходи, во кое Apple ги надмина очекувањата – вклучувајќи ја и продажбата на iPhone во Кина – аналитичарите го засипија извршниот директор Тим Кук со прашања за неговите планови за вештачка интелигенција. Прашањата се движеа од Siri, до можна конкуренција од пребарувачите, до потенцијални аквизиции на стартапи за вештачка интелигенција.

„Сметаме дека вештачката интелигенција е една од најдлабоките технологии на нашето време“, рече Кук. „Ја вградуваме во нашите уреди, платформи и во целата компанија. И значително ги зголемуваме инвестициите.“

Но, Apple не може да си дозволи дополнително да заостанува, особено кога станува збор за функциите на вештачката интелигенција на iPhone.

„Клучното прашање за инвеститорите е: што доаѓа по iPhone 17?“, вели Тед Мортонсон од инвестициската куќа Baird. „Затоа што кога станува збор за генеративна вештачка интелигенција, таму се води вистинската битка.“