Германски „Ханделсблат“ пишува за растечкиот интерес за недвижности во Албанија, Црна Гора и Северна Македонија, каде што туризмот, ниските цени и ЕУ перспективата ги поттикнуваат инвестициите и развојот на пазарот.
Во Црна Гора, поранешната тврдина Мамула, позната по својата мрачна историја, е претворена во луксузен хотел. На албанската ривиера, во близина на Валона, е изграден ексклузивниот комплекс „Зелен брег“, додека во Драч се спроведува амбициозен проект за реконструкција на главното пристаниште, вклучувајќи луксузна марина и станбен и угостителски центар, пишува Ханделсблат, забележувајќи дека големите хотелски синџири како што се „Хилтон“, „Мериот“ и „Интерконтинентал“ сè повеќе инвестираат во регионот, што се толкува како знак на доверба во неговиот туристички потенцијал, пишува ДВ.
„Списокот на проекти и нови градби во Црна Гора, Албанија и Северна Македонија продолжува“, нагласува Ханделсблат.
Во написот се нагласува дека промените се видливи и се цитира Ерион Метоја од „Албанија Имобилиен Инвест“, кој вели: „Пазарот на недвижности во Албанија веќе добро се разви, продажбата се зголеми за трипати до четирипати“.
„Сепак, цените се уште се релативно ниски. Овие пазари се уште се сметаат за скриени бисери на Европа, а земјите се сè попопуларни меѓу туристите“, пишува весникот, наведувајќи дека „во 2024 година, околу 11,7 милиони странски туристи ја посетиле Албанија, што е зголемување од 15 проценти во споредба со претходната година. (…) Туризмот во Албанија сочинува околу една четвртина од бруто-домашниот производ (БДП), пишува „Ханделсблат“, додавајќи дека сличен удел на туризмот во БДП е забележан и во Црна Гора“.
„Економскиот раст е забележлив: албанската економија треба да порасне за околу 2,4 проценти оваа година, во Црна Гора околу 3 проценти, а во Северна Македонија 3,2 проценти“.
Во написот се наведува дека преговорите за пристапување во ЕУ дополнително го зголемуваат оптимизмот на пазарот на недвижности во регионот.
„Аналитичарите посочуваат паралела со Хрватска, каде што цените на недвижностите се зголемија по развојот на туризмот и пристапувањето во ЕУ“. Во Албанија, особено, инвеститорите се привлечени од комбинација од растечка побарувачка, поволни цени и ограничена понуда на атрактивни локации. „Инвеститорите се привлечени од комбинација од растечка туристичка побарувачка, ниски почетни цени и ограничена понуда на атрактивни крајбрежни локации“, изјави за „Ханделсблат“ Андреас Герлер, менаџер во „Веливест Прушке и Калм ГмБХ“.
Исто така, се забележува дека „цените на недвижностите во Албанија значително варираат во зависност од локацијата. На север, тие се движат помеѓу 1.000 и 1.500 евра по квадратен метар, додека во јужните туристички центри можат да достигнат 5.000 до 6.000 евра“, вели Метоја. Во текстот понатаму се наведува дека во Скопје, главниот град на Северна Македонија, „може да се купат нови станови за 1.500 до 2.500 евра по квадратен метар“. „Во Црна Гора, во Котор или Добра Вода, становите можат да се најдат во сличен ценовен опсег, додека куќите со базен чинат помеѓу 500.000 и 750.000 евра“, пишува „Ханделсблат“.
Весникот предупредува дека купувањето имот во странство не е лесно. „Герлер советува да се избегнуваат независни купувања или онлајн портали: „Секогаш ангажирајте агенција која ги познава законските прописи во земјата и може да обезбеди договори и објаснувања на германски јазик.“
Експертите, исто така, предупредуваат на „правни ризици, можни еколошки прописи и недостаток на ликвидност, што може да биде проблем при препродажба“.
„Сепак, оние кои пристапуваат внимателно и работат со сигурен партнер не само што можат да откријат атрактивни дестинации за одмор, туку и да профитираат од потенцијалното зголемување на вредноста на имотот“, заклучува авторот Герд Хибнер во „Ханделсблат“.