Основното јавно обвинителство Велес, постапувајќи по поднесена кривична пријава од МВР, поведе постапка против 59-годишен велешанец, осомничен за демнење (чл. 144-а ст. 2 во врска со ст. 1) и продолжено кривично дело – насилство (чл. 386 ст. 3 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик).
-Од преземените предистражни дејствија произлегува дека осомничениот, кој бил во интимна врска со жртвата, ја демнел последните неколку месеци, се мешал во нејзиниот личен живот, проверувал со кого комуницира и се дружи жртвата, каде излегува, ја навредувал и психички ја вознемирувал. Со тоа, како што велат од Обвинителството, кај неа предизвикувал чувство на несигурност, вознемиреност и страв, соопшти Јавното обвинителство.
Како што се вели во соопштението, на 18 септември, во повеќе наврати во текот на целиот ден, вршел грубо насилство врз жртвата и притоа телесно ја повредил, и тоа еднаш на работното место, а потоа три пати доаѓал во нејзниот стан каде насилно влегувал, се наведува во соопштението.
-Ценејќи ги сите околности, особено фактот дека осомничениот работи заедно со жртвата, неговата упорност физички да ја напаѓа и малтретира во еден ден, како и фактот дека претходно не му се определени привремени мерки за заштита од семејно насилство, јавниот обвинител оценил дека постои ризик од повторување на неговите насилнички дејствија, информираат од Јавното обвинителство.
Воедно, поради неговото занимање и важечка документација за премин на државната граница, тој е во можност да се даде во бегство, па до Основниот суд во Велес, надлежниот обвинител поднесел предлог за определување мерка притвор. Судот го прифатил предлогот и ја определи мерката.