Во рамките на 13. издание на Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“, денеска ќе биде прикажан и документарниот филм Girls Don’t Cry („Девојките не плачат“) на германската режисерка Зигрид Клаусман, а ќе следува и циклус кратки италијански филмови.
Програмата на фестивалот се реализира во Кинотеката, каде што работат јуниорите, односно основците од шесто до деветто одделение, додека во Младинскиот културен центар се средношколците, кадети и сениори.
Како што е најавено, младите ќе се сретнат со активистката Теодора Милевска и ќе слушнат повеќе за стипендиите UWC – United World Colleges што можат да се искористат и кај нас за студирање во странство.
-Младите од осум земји учесници на 13. „Џифони Македонија“ имаа богат викенд исполнет со проекции на филмови, ги започнаа своите работилници, а и дискутираа за филмовите што ги гледаа. Џифонци викендов се сретнаа со млади режисери кои веќе ги прават своите први филмови. Лавина од прашања предизвикуваат овие први чекори на младите кои поставуваат интересни прашања, соопштија организаторите.
Кадетите и сениорите се сретнаа со Беса Туша, млада режисерка од Скопје, која студирала во Турција. Беса го промовираше нејзиниот филм „Низ очите на Џело“, таа го прикажа Скопје низ приказната на овој лик.
Им посака на џифонци кои сакаат да се занимаваат со филм, само да снимаат и дека така се учи најдобро. Секој нареден проект ќе биде подобар.
-Ми се погоди да добијам стипендија за студирање во Турција и тоа ми го трасираше патот. Сакам да ја одржувам врската со Македонија и
затоа приказните ги наоѓам и овде. Важно е да снимате, да се борите за вашите проекти. Од помлада пишував сценарија со желба да се изразам себе и тоа многу ми помогна, рече Беса.
-Младиот Бојан Василев го прикажа филмот „За Ева“, кој ја отвора темата за несакана бременост кај младите, но и темата за осаменоста,
отуѓеноста, кога се чувствуваме дека сме сами и немаме со кого да споделиме тага, а цел свет ни се руши. Инспириран од вистинска приказна, Василев ја отвора оваа важна тема, а предизвика лавина од прашања. Младиот режисер Бојан Василев се претстави со вели дека филмот е за надежта, не е само за тинејџерската бременост, соопштија од фестивалот.
Во саботата се одржа и интернационалната вечер на која сите земји учеснички ја промовираат својата култура со храна.
Филмскиот фестивал Џифони Македонија оваа година се одржува од 26 септември до 1 октомври во Скопје.