На денешниот 28. „Марш за ангелите“, родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ повторно побараа правдата и вистината да излезат на виделина. Маршот почна од „Паркот на Револуцијата“ во Кочани, а при нивното марширање во Трговскиот центар, каде се лоцирани повеќето од кафулињата во градот, гостите, претежно тинејџери, станаа од своите места и со молк им оддадоа почит на загинатите во мартовската трагедија.
На кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, мајка на починато момче рече дека им е доста од неказнивост, од корупција и од молк.
– Каде се институциите? Каде е системот што требаше да не штити? Каде беа тие што седат во своите луксузни канцеларии, во меките фотелји, платите што ги земаат од народни пари — а не видоа, не слушнаа, не почувствуваа дека пред нив се создава однадвор шупа, а внатре замок на монструм, запраша Манта Стојменова, мајка на Спире Стојменов, починат во пожарот во кочанската дискотека.
Протестниот марш на родителите и нивните подржувачи заврши во „Паркот на Револуцијата“.