Мицкоски: Секој кој зборува за поделби, не му мисли добро ниту на Македонецот ниту на Албанецот

Посочи дека неговата лична поддршка и поддршката на Владата ја имаат сите оние кои работат на иднината на заедничката државата без разлика на етничка верска и политичка припадност.

од Бисера Трајковска
5 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Брвеница порача дека неговата лична поддршка и поддршката на Владата ја имаат сите оние кои работат на иднината на заедничката државата без разлика на етничка верска и политичка припадност.

Тој додаде дека секој оној кој зборува за иднината на Македонија е добредојден соговорник, а секој кој зборува за поделби, посебно етнички поделби не само што не е добредојден, туку тој не му мисли добро ниту на Македонецот ниту на Албанецот ниту на сите други останати делови на народи кои се наши сограѓани во Македонија.

-Јас сум убеден дека тоа ќе биде препознаено овде во Брвеница и масовно ќе биде отфрлено од жителите на општина Брвеница, бидејќи тие знаат да препознаат кој изминатите 4 години се грижеше без да прави било какви поделби во општина Брвеница, ниту по етничка ниту по верска ниту по политичка припадност, а ние како Влада покажавме со инвестиции и договори од половина милијарда евра во сите општини без разлика дали се леви или десни, дали се  провладини градоначалници или од опозицијата градоначалниците, секаде подеднакво под ист критериум инвестиравме, така се гради соживот така се гради заедничка држава и така се оди напред, со поделби може само да уназадуваме, нагласи Мицкоски.

Јовица Илиевски, актуелниот градоначалник на општина Брвеница и кандидат за втор мандат денеска изјави дека општината ќе продолжи да ја води со фокус на нови проекти.

Како што рече, улици патишта, без разлика, на село, на население сите се рамномерно застапени во општината.

-Општина Брвеница ниту беше водена изминатите година врз база на етничка припадност, ниту ќе биде во иднина. Направивме спортска сала во Челопек, од 800 илјади евра, детска градинка, инвестиција од преку 400 илјади евра, во Гургурница камион за собирање на смет. Би го потенцирал примерот за соживот. Додека се реновираше училиштето во Брвеница ,околу 270 ученици секој ден ги носевме во Челопек. Никаков проблем немаше со месното население, овие повици на поделба на никого не носат добро, рече Илиевски.