Tокму тие што со години ја трујат јавноста со поделби и политички примитивизам, денес зборуваат за „шовинизам“, соопштија денеска од Коалицијата Вреди. Од Коалицијата велат дека со потсмев го гледаат обидот на Левица, партија позната по говор на омраза, анти-НАТО ставови и ултранационалистичка реторика, да држи лекции за соживот и толеранција. Посочуваат дека иронијата е очигледна.
-Во нашата кампања, ниту еден кандидат на ВЛЕН не користел говор на омраза, туку зборувал за патишта, училишта, водовод, економски развој, за реалните проблеми на луѓето. А вистинската иронија е што ДУИ, преку својот нов коалиционен партнер – Левица, избра да се фати за партија анти-НАТО, доживувајќи ја како последна сламка за политички спас. Таа комбинација на очај и лицемерие веќе доби одговор на 19 октомври, кога граѓаните со јасна порака им ја покажаа вратата и на едните и на другите, велат од Вреди.
Од Коалицијата посочуваат дека остануваат единствената коалиција што доследно ги брани евроатлантските вредности.
-Затоа, секој обид ВЛЕН да се стави на исто рамниште со екстремистички партии е смешен уште од самиот почеток. Наместо да бараат внимание со лажен морализам, во Левица нека најдат храброст да побараат извинување за годините ширење омраза и поделби што им оставија трајни лузни на ова општество, потенцираат во нивното соопштение.