Кандидатот за градоначаланик на Општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, денеска во Капиштец, оствари неформална кафе-средба со премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Лаудовиќ доби јавна и целосна поддршка од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за гласањето в недела во вториот круг на изборите.
-На средбата било заеднички констатирано дека на Центар и на Скопје им е потребна промена, нов ветар во грб, со нова визија кои ќе ги променат работите од темел и ќе ја водат општината и градот напред, информираат од ЗНАМ.
Од партијата велат дека Мицкоски ги повикал членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, како и сите граѓани на Центар в недела да им дадат максимална поддршка на Мирослав Лабудовиќ и Орце Ѓорѓиевски – кои треба да ги донесат неопходните промени.
-А, тоа е пред сѐ стоп на бруталната бетонизација во Центар која е отидена предалеку и на штета на сите жители во централната градска општина. На неформалната средба, Мицкоски ја нагласил потребата од повлекување линија која ќе прави јасна разлика меѓу криминалот и домаќинското и одговорно работење, кои, според него, ќе го донесат со себе Ѓорѓиевски и Лабудовиќ по стапувањето на функциите, соопштија од ЗНАМ,
Лабудовиќ, пак, им посочил на премиерот Мицкоски и на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Ѓорѓиевски, дека во првиот круг на локалните избори, над две третини од гласачите сакале промена, изразувајќи верување дека промената ќе се случи во вториот круг в недела. – Едноставно речено, 68 отсто од гласовите во првиот круг во Центар што не го поддржаа актуелниот градоначалник, се потенцијал кој би бил пресуден за победа во Центар, но и за уште поубедлив резултат во Скопје, посочил Лабудовиќ.