Вештачката интелигенција (ВИ) веќе не е футуристички поим – таа е дел од нашата секојдневна реалност. Рутинските и повторливи задачи ќе исчезнат, но ќе се појават нови професии. Највредни ќе станат луѓето кои умеат да работат заедно со интелигентните системи, не спротивставено на нив, вели за „Локално“ основач и извршниот директор на технолошка компанија „Imperum“, Сенад Аруќ.
-Од тоа како бараме информации, до начинот на кој комуницираме и работиме, ВИ ја менува динамиката на општеството. Сепак, најважно е човекот да остане во центарот на процесот, додава Аруќ.
Како што посочува, технологијата треба да ја засили човечката интелигенција, не да ја замени.
-Кога ВИ се користи свесно и етички, таа може да го прошири нашето разбирање и да ја зголеми продуктивноста без да ја изгубиме човечката суштина. Да, ВИ ќе ги промени пазарите на труд – тоа е неизбежно. Но, наместо да зборуваме за губење работни места, треба да зборуваме за трансформација на работни улоги, појаснува Аруќ.
Тој смета дека рутинските и повторливи задачи ќе исчезнат, но ќе се појават нови професии – AI оператори, инженери за автоматизација, етичари за ВИ, контролори на податоци.
Б.Т.