Апчињата за слабеење наречени „Молекула“ станаа хит на рускиот ТикТок од почетокот на оваа година, со слогани како „Земи Молекул и заборави дека храната постои“. Младите масовно го нарачувале производот, верувајќи во брзо губење на тежината, но наскоро почнаа да се појавуваат сериозни последици.
По две недели земање на апчињата, некои доживеале целосно губење на апетитот, сува уста, вознемиреност и негативни мисли. Други корисници пријавиле тремор, несоница и халуцинации, а неколку тинејџери завршиле во болница, вклучувајќи деца од Чита и Санкт Петербург.
Истрагата на весникот „Известија“ открила дека „Молекула“ содржи сибутрамин, лек забранет во САД, Велика Британија и ЕУ поради ризик од срцев удар и мозочен удар. Во Русија, дозволен е само со рецепт, но се продава нелегално преку интернет под различни имиња, па дури и како „спортска исхрана“.
Иако властите постојано отстранувале реклами и блокираа веб-страници, таблетите продолжуваат да се појавуваат под нови имиња, како што е „Атом“.
Лекарите предупредуваат дека овој препарат е особено опасен за младите луѓе и луѓето со нарушувања во исхраната.