Фудбалската легенда Кристијано Роналдо (40) продолжува да ги воодушевува навивачите во Саудиска Арабија, каде што на 40 години неуморно ги тресе мрежите во дресот на Ал Наср.
Сепак, во интервју со британскиот водител Пирс Морган, португалската суперѕвезда откри дека се ближи крајот на неговата голема кариера.
„Да, можам да замислам пензионирање. Ќе биде наскоро. Ќе биде тешко, дефинитивно ќе плачам, но ќе бидам подготвен. Сè ќе заврши, а потоа ќе имам повеќе време за други работи“, рече Роналдо.
Петкратниот освојувач на Златната топка, кој моментално има 952 гола, призна дека со години го планира својот живот по фудбалот.
„Размислував за тоа уште од моите 25 години. Сакам да бидам повеќе семеен човек, повеќе присутен за моите деца и пријатели. Го сакам UFC, го сакам паделот. По 40 години, навистина почнуваш да живееш.“
За време на интервјуто, Роналдо потврди дека станал милијардер и дека тоа го исполнува исто колку и фудбалските трофеи.
„Бев воодушевен кога станав милијардер. Тоа беше мојата цел, нешто како освојување на Златната топка. Некои можеби ќе ме наречат арогантен, но бројките не лажат. Јас сум единствениот фудбалер што го постигнал тоа.“
Португалецот откри и дека неговата најскапа набавка била приватен авион, додека луксузните автомобили повеќе не се негова страст.
„Кога бев помлад, бев луд по автомобили. Сега имам повеќе од четириесет од нив, но ретко ги возам. Не го купив авионот за да се фалам, едноставно ми треба за животот што го водам.“
Роналдо го продолжи договорот со Ал Наср во јуни до 2027 година, а планира да го игра своето шесто Светско првенство со Португалија во 2026 година.
„Веќе не ми е гајле што мислат луѓето. Имам 40 години, со пет деца, одлични пријатели и сè уште имам многу страст. Кога ќе се збогувам, ќе бидам благодарен за сè што ми даде фудбалот“, заклучи Кристијано Роналдо.