Германската компанија Мерцедес-Бенц ќе го отвори својот прв центар за истражување и развој (ИР) во Унгарија, во градот Кечкемет, објави денес унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
Тој додаде дека локацијата ќе се користи за тестирање на прототипови на автомобили и дека унгарските инженери ќе бидат вклучени во раните фази на развој на хардвер и софтвер, објави „Хунгари тајмс“.
Германскиот производител на автомобили ќе инвестира околу 55 милиони евра (21,6 милијарди форинти) во новиот центар за истражување и развој, каде што ќе се одвива раниот развој на хардвер и софтвер на производите, а владата во Будимпешта ќе го поддржи проектот со дополнителни 11 милиони евра (4,3 милијарди форинти).
Сијарто истакна дека унгарската влада поддржала инвестиции од 324 германски компании во текот на изминатите единаесет години, што создало околу 40.000 работни места.
Според него, постои силна глобална конкуренција за инвестиции во индустријата за електрични возила, а Унгарија, и покрај својата големина, е меѓу водечките земји во технолошката револуција што ја менува светската економија.