Volkswagen официјално го отвори сопственото производство на батерии за автомобили во среда, во првата фабрика на својата подружница PowerCo.
Фабриката во Залцгитер, централна Германија, е изградена на местото на фабриката за производство на мотори на Volkswagen. Концернот инвестираше повеќе од милијарда евра во фабриката од почетокот на работата во 2022 година, пренесе dpa.
Volkswagen планира ист модел за уште две фабрики за батерии, во Валенсија и Сент Томас. Производството во овие две фабрики е предвидено да започне следната година во Шпанија, а во 2027 година во Канада.
Извршниот директор на Volkswagen, Оливер Блуме, ја опиша новата фабрика како клучен елемент од стратегијата на групацијата, нагласувајќи дека Volkswagen е првиот европски производител на автомобили што развива и произведува свои батерии.
Според него, ова ја зајакнува позицијата и независноста на Volkswagen во глобалната конкуренција.
Обемот на производство во Залцгитер првично е ограничен на само неколку стотици батерии дневно, но целниот годишен капацитет треба да биде доволен за околу 250.000 електрични возила.
Батериските ќелии од новата фабрика ќе бидат инсталирани во новите електрични градски автомобили VW ID. Polo и Cupra Raval, чие лансирање во Шпанија е планирано следната година.