Германија се соочува со долгорочен економски пад доколку структурните реформи не се спроведат брзо, предупреди шефот на главната стопанска комора во земјата, посочувајќи на слаб раст, пад на инвестициите и зголемување на загубата на работни места.
„Ако не се справиме со структурните предизвици и не ги спроведеме соодветните реформи, имаме мали шанси повторно да постигнеме одржлив и силен раст во Германија“, изјави за ДПА Петер Адријан, претседател на Германската стопанска комора (DIHK), додавајќи дека „ако продолжиме вака, ако економијата продолжи да стагнира или економскиот раст остане толку потиснат, ќе заостануваме на меѓународно ниво“.
Адријан, исто така, предупреди дека продолжената слабост на најголемата економија во Европа го намалува фискалниот „простор за маневрирање“ на владата.
„Затоа сега мораме недвосмислено и доследно да ги испраќаме сите сигнали во корист на економскиот раст“, рече Адријан.
Германската економија беше во рецесија во 2023 и 2024 година, а оваа година, според прогнозите, растот ќе биде минимален.
Не се очекува значително закрепнување ниту следната година.
„Само во индустријата, изгубивме уште 170.000 работни места за само една година“, рече Адриjан, додавајќи дека капиталните инвестиции паднале на нивоата од 2015 година, што значи дека Германија изгубила една деценија.
Инвестициската активност е клучен индикатор за деловната доверба и очекувањата за иден раст, додаде тој, и овие „очекувања за иднината се исклучително слаби“.
Според Адриjан, Германија повеќе не е меѓународно конкурентна за инвестиции.
Тој посочи на индустријата за основни материјали, која се бори со високите трошоци за енергија, како на автомобилскиот, така и на снабдувачкиот сектор.