Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денес во Вашингтон се сретна со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, на кого му ја изрази благодарноста на народот на Косово за американската поддршка за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, објави Косовската радиотелевизија.
Во изјава за медиумите објавена на Фејсбук профилот на Османи по средбата со Ландау, косовската претседателка рече дека двајцата разговарале за широк спектар на теми, вклучувајќи ја и тесната соработка меѓу САД и Косово по прашањата за мирот, безбедноста, економијата и евроатлантската интеграција на Косово, како и конкретни чекори за обновување на стратешкиот дијалог меѓу двете земји.
„За време на средбата, изразив благодарност до народот на Косово за вклучувањето на нашата земја во Законот за овластување за национална одбрана (NDAA), кој американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша неодамна. Ја изразив нашата благодарност што овој документ го штити територијалниот интегритет и суверенитет на нашата земја, јасно наведува дека дијалогот со Србија треба да се базира на меѓусебно признавање и го поддржува нашето членство во НАТО и стратешките инвестиции во областа на економијата“, рече Османи.
„Имаме целосна доверба во администрацијата на Трамп. Ние сме една од првите земји што ги поддржуваат постапките на Трамп, чиј придонес кон мирот и стабилноста во нашиот регион е незаменлив“, додаде косовскиот претседател.