Русија сака да изгради електрана на Месечината во следната деценија

Роскосмос објави во официјално соопштение дека планира да изгради лунарна електрана до 2036 година и потпиша договор со воздухопловната компанија „Лавочкин“

од Vladimir Zorba
9 прегледи Фото: Report

Русија планира да распореди електрана на Месечината во следната деценија за да обезбеди енергија за својата лунарна вселенска програма, како и заедничка руско-кинеска истражувачка станица, објави Ројтерс.

Откако советскиот космонаут Јуриј Гагарин стана првиот човек што прошета во вселената во 1961 година, Русија се етаблираше како една од водечките сили во истражувањето на вселената. Сепак, во последните децении, земјата заостанува зад САД и сè повеќе зад Кина.

Амбициите на Русија претрпеа сериозен удар во август 2023 година, кога беспилотната мисија Луна 25 се урна во површината на Месечината за време на обид за слетување. Во исто време, Илон Маск ги револуционизираше лансирањата на вселенски летала – област во која Русија некогаш беше лидер.

Државната вселенска корпорација Роскосмос објави во официјално соопштение дека планира да изгради лунарна електрана до 2036 година и потпиша договор за оваа намена со воздухопловната компанија „Лавочкин“.

Според Роскосмос, главната цел на електраната ќе биде обезбедување енергија за руската лунарна програма, вклучувајќи ги лунарните ровери, астрономската опсерваторија и инфраструктурата на заедничката руско-кинеска меѓународна лунарна истражувачка станица.

„Проектот е важен чекор кон создавање на трајно оперативна научна лунарна станица и премин од еднократни мисии кон долгорочна програма за истражување на Месечината“, соопшти Роскосмос.

Корпорацијата не прецизираше експлицитно дека електраната ќе биде нуклеарна, но забележа дека меѓу учесниците во проектот се руската државна нуклеарна корпорација Росатом и Курчатовскиот Институт, водечкиот руски центар за нуклеарни истражувања.

Шефот на Роскосмос, Дмитриј Баканов, во јуни изјави дека една од целите на корпорацијата е да распореди нуклеарна централа на Месечината, како и да ја истражи Венера.