Речиси сите нови автомобили во Норвешка минатата година беа електрични

Уделот на електрични возила достигна рекордни 95,9 проценти од сите нови регистрации во текот на годината, покажаа податоците од Норвешката патна федерација

од Vladimir Zorba
7 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Dark Span

Речиси сите нови автомобили регистрирани во Норвешка минатата година беа целосно електрични, според официјалните податоци, цитирани од Ројтерс. Уделот на електрични возила достигна рекордни 95,9 проценти од сите нови регистрации во текот на годината, покажаа податоците од Норвешката патна федерација.

Во декември, уделот на целосно електрични автомобили се искачи на 97,6 проценти од сите нови автомобили. Растот на продажбата е поддржан од даночни олеснувања, но земјата почна да ги оданочува електричните автомобили уште од 2023 година. Во октомври, властите објавија дека од 1 јануари ќе биде воведен дополнителен данок на додадена вредност до 5.000 долари по автомобил, што доведе до зголемен интерес од купувачите и автомобилските компании кон крајот на минатата година.

Во исто време, владата постојано го зголемува даночниот товар на автомобилите со мотори со внатрешно согорување, правејќи ги поскапи. Малкуте автомобили на фосилни горива регистрирани во 2025 година беа претежно специјализирани возила, како и ограничен број хибриди и спортски автомобили.

Од 2026 година, електричните автомобили со цена под 300.000 норвешки круни, или околу 30.000 долари, ќе останат ослободени од ДДВ.