Лагард заработува околу 726.000 евра годишно, четири пати повеќе од шефот на американскиот ФЕД

Покрај основната плата, Лагард добива и околу 135.000 евра за трошоци за домување и други додатоци. Покрај тоа, таа добива околу 125.000 евра за нејзината улога како член на одборот на директори на Банката за меѓународни порамнувања (БИС). Интересно е што овие додатоци и дополнителни плати воопшто не се споменати во годишниот извештај на Европската централна банка

од Vladimir Zorba
16 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Си-Би-Ес њуз

Вкупниот приход на претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард во 2024 година изнесуваше приближно 726.000 евра, што е за дури 56 проценти повеќе од нејзината официјална основна плата од 466.000 евра. Според анализата на британски „Фајненшл тајмс“, нејзиниот приход е речиси четири пати поголем од оној на претседателот на американските Федерални резерви Џером Пауел.

Покрај основната плата, Лагард добива и околу 135.000 евра за трошоци за домување и други додатоци. Покрај тоа, таа добива околу 125.000 евра за нејзината улога како член на одборот на директори на Банката за меѓународни порамнувања (БИС). Интересно е што овие додатоци и дополнителни плати воопшто не се споменати во годишниот извештај на Европската централна банка.

Европската централна банка, за разлика од компаниите котирани на берзите на ЕУ, не подлежи на строги правила што бараат објавување на сеопфатни и веродостојни информации за надоместоците на директорите. Затоа „Фајненшл тајмс“ дошол до својата пресметка анализирајќи ги годишните извештаи на ЕЦБ и БИС, како и технички документ во кој се опишани условите за надоместоци за високи функционери на ЕЦБ.

Треба да се напомене дека оваа проценка, како што пишува „Фајненшл тајмс“, не ги вклучува пензиските придонеси или трошоците за здравствено осигурување што ги плаќа ЕЦБ за претседателката Лагард, поради недостаток на релевантни податоци. Ова значи дека нејзиниот вистински вкупен приход би можел да биде поголем од проценетите 726.000 евра.