Во интервју за Скај њуз утрово, британскиот заменик-министер за внатрешни работи Мајк Тап, како претставник на владата, не се обврза да одговори дали Велика Британија верува дека Доналд Трамп го прекршил меѓународното право со наредбата за операцијата за апсење на Мадуро.
„Дајте ни повеќе време да одлучиме дали операцијата за Мадуро го прекршила меѓународното право“, рече Тап, повторувајќи го британскиот став дека Николас Мадуро не бил „легитимен“ лидер, туку бил „диктатор кој мачел затвореници, користел сексуално насилство, ги заплашувал дисидентите“.
Кога директно беше прашан дали САД го прекршиле законот, Тап одговори:
„Сега е ред на Соединетите Американски Држави, кога зборуваме за легалност тука, да ја постават правната основа за преземените мерки“.
Тој додаде дека Лондон води разговори со САД и нивните најблиски сојузници за да се постигне заклучок по ова прашање. Сепак, Мајк Тап рече дека британските власти не се незадоволни што Мадуро повеќе не е на власт, дека тие 100% го почитуваат меѓународниот систем заснован на правила и легалност и дека не се под притисок од социјалните медиуми и коментаторите да реагираат брзо, бидејќи во крајна линија станува збор за дипломатија.
Тап потврди дека владата побарала од министерката за надворешни работи Ивет Купер да даде формална изјава во Долниот дом денес попладне, каде што пратениците ќе можат да поставуваат прашања.
Претходно, премиерот Кир Стармер рече дека е силен бранител на меѓународното право, но не ги осуди американските постапки, додавајќи дека „Мадуро се сметал за нелегитимен претседател и дека британската влада нема да пролее солзи за крајот на неговиот режим“.