Превозниците од Западен Балкан најавуваат блокади на товарните премини со земјите од Шенген зоната

Претставници на здруженијата на превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, а поддржани од колегите од Македонија во писмо, на прес-конференција во Белград нагласија дека причината за ова е несоодветниот одговор на Европската комисија и земјите од Шенген зоната во врска со третманот на професионалните возачи и ограничувањето на нивниот престој на Шенген територијата за време на секојдневните работни активности

од Vladimir Zorba
15 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ 24

Здруженијата на превозници од Западен Балкан денес објавија дека ќе ги блокираат товарните премини со земјите од Шенген зоната од 26 јануари поради, како што велат, проблеми предизвикани од системот EES кој ги евидентира влезот и излезот на превозниците. Претставници на здруженијата на превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, а поддржани од колегите од Македонија во писмо, на прес-конференција во Белград нагласија дека причината за ова е несоодветниот одговор на Европската комисија и земјите од Шенген зоната во врска со третманот на професионалните возачи и ограничувањето на нивниот престој на Шенген територијата за време на секојдневните работни активности.

Тие истакнаа дека протестот нема политичка конотација и предложија да се водат разговори со претставници на европската администрација со цел решавање на проблемите и третирање на возачите како прекугранични работници.

Како што велат, протестот е насочен против европските правила, а нивното спроведување, од 10 април, кога ќе започне целосната имплементација на системот EES, практично ќе го ограничи престојот на возачите од Западен Балкан во земјите од Шенген зоната поради надминување на бројот на денови што можат да ги поминат во тие земји. Ова, како што истакна претседателот на Меѓународната транспортна асоцијација на Србија, Неѓо Мандиќ, ќе создаде проблеми за економијата и ќе ги наруши синџирите на снабдување, а воедно ќе ги загрози и работните места на возачите.

„Нашата цел е еднаков статус за нашите компании и нашите возачи со европските компании и возачи“, нагласи Мандиќ.